Кара Делевин, Џими Чу и новата реклама без осет

„Да не не е најдобро време за реклама што прикажува колку е јако да те довикуваат мажи на улица?”

Што се случува: Џими Чу вади реклама со Кара Делевин во главна улога, а на интернетот му требаше месец дена да ја забележи и да почне да приредува падавици. Со наслов Shimmer in the Dark, или „Светкање во мракот”, на рекламата на Кара Делевин ѝ дофрлаат мажи, додека се движи по Њујоршка улица во сред ноќ. Еден од тие што свиркаат се врти да искоментира: „Добри кондури, девојко!”

Моментот со дофрлањето ќе поминеше незабележано во еден свет помалку оптеретен со гламуризирање на сексуалното малтретирање, но доаѓа на грб на храбрите жени (вклучувајќи ја и Кара) кои се одважија да прозборат против Харви Вајнстин и предизвикаа масовно будење во врска со сексуалното малтретирање, според i-D, и е симптоматично за култура што дозволува вистинското насилство да продолжи без проблем.

Многу жени на Твитер се згрозени од рекламата, со коментари од типот „Живеев во Њујорк кога имав околу 20 години и кога ја гледам рекламата ме боли стомак.”

Дали е до толку работава? Или единствениот осет што е потребен при расудување дали да пуштиш ваква реклама е всушност да размислиш дали си глуп ако се закачаш со разбеснета маса што до скоро расправаше дека фаќање за колено е исто со силување?

Ни едно ни друго. Кога ќе ја видите рекламата, ќе ви стане јасно, дека едноставно, не можеш да предвидиш што сè може да ги навреди луѓето. 

А чизмите - врв.

25 декември 2017 - 15:33