Како заработува инфлуенсер на Инстаграм?

Во 2013-та, кога Сара Трип, која го води блогот Sassy Red Lipstick, научила како се прават пари на Инстаграм, наплаќала по 50 долари од пост. „Сега се смеам за ова,” вели таа. „Се разбира, имав многу помалку следачи тогаш, но сепак се потценував.” Една година подоцна, кога научила дека блогери со многу помалку следачи наплаќаат многу повеќе, веднаш ги зголемила нејзините цени десеткратно - и никој не се побунил. „Секогаш кога ќе ја зголемев цената за спонзориран пост, брендовите се согласуваа.”

Сега Трип заработува од 10.000 до 20.000 долари по кампања и е поселективна околу партнерите. „Ако некој бренд има буџет од само 1500 долари за два постови на Инстаграм, едноставно нема смисла да работам со нив, со оглед на тоа што јас живеам од ова,” вели таа (тука станува јасно колку е ова позападно од нас, но добро). „Кога ќе станеш легитимен инфлуенсер и знаеш која ти е вредноста, можеш да заработуваш и шест цифри годишно, само од Инстаграм.”

Постојат три главни начини да се заработи на Инстаграм

Првиот метод е спонзорирана содржина, која обично има една цена што ја преговараш со брендот. Зависи, се разбира, од бројот на следачи. Трип има 335.000 и тоа ја става во „среден инфлуенсер”, според Лесли Паркс, постар социјален стратегист во агенцијата POSSIBLE. „Повеќето брендови не соработуваат со некој што има помалку од 5000 следачи,” објаснува Паркс.

Постојат три групи на инфлуенсери: микро, со 30.000 до 50.000 следачи, по кои доаѓаат средните, или макро инфлуенсери, со по 500-600.000 и на крај - мега инфлуенсери, најчесто селебрити-фаци, чии што следачи се бројат во милиони, а и кампањите им чинат толку.

Добро, следачи на Инстаграм можат да се купат (и често се купуваат), па брендовите во предвид ги земаат реакциите, кои се мерат според процентот на следачи кои ги „лајкуваат” постовите и коментираат, односно процентот на луѓе кои вистински се заинтересирани за тоа што го објавуваш. Овој engagement, брендовите бараат да биде барем 5%, но не е толку строго одредено - многу брендови повеќе сакаат блогер со одредена тема и специфична публика кој има 12 проценти engagement, наспроти мега-ѕвезда со 3 проценти.

И, да речеме дека сте изградиле лојална публика. Што е следно?

Да профитираш од твоето влијание е баланс на разбирање што твојата публика сака да види, наоѓање на брендови кои сакаат да допрат до неа и спојување на сето тоа за да создадеш вредност за сите инволвирани страни (твојата публика наоѓа фини работи, брендот добива нови муштерии, а тебе ти плаќаат).

Секако, ова бара време, грешки и обиди и борба со конкуренцијата - брендовите нема само така да ти предадат кампања, затоа што мислат дека сликите ти се симпатични и имаш неколку илјади следачи. Мораш прво да се докажеш.

Сега сме кај вториот метод за монетизирање - еден вид провизија

Кај големите партнерства се влегува преку една помала врата - заработување на мала сума секогаш кога некој твој следач ќе купи нешто од одреден бренд. Ова е малку позезнато, затоа што Инстаграм е затворена платформа, што значи дека не нуди едноставен начин да линкуваш сајтови за продажба. Наместо тоа, инфлуенсерите го означуваат брендот под сликата, па на самиот профил го споделуваат линкот, што одеднаш, лесниот пат до производот го прави понапорен и потенцијалните муштерии можат да изгубат интерес. И тешко е да ги ловиш од каде дошле - колку пати ви се случило да видите производ на Инстаграм и само да го изгуглате? Во тој случај, како ќе знае брендот дека сте го виделе на нечиј профил?

Ова води до третиот метод - платформи кои помагаат да се спојат инфлуенсери, брендови и потрошувачи 

Меѓу најпопуларните се Skimlinks, Shopstyle Collective, Shopify, Clickbank... Некои плаќаат по кликови, некои по направени продажби, а сите заедно овозможуваат следење на работата на брендот и поврзаноста со инфлуенсерот кој ја помогнал.

Кој би рекол пред неколку години дека ќе се употребуваат вакви конструкции но, „За инфлуенсери во подем, клучно е да учествуваат на социјалните платформи на брендот со кој сакаат да работат - да те видат дека постоиш,” вели Паркс. „Некои од соработките доаѓаат многу органски, затоа што брендот е веќе свесен дека постоиш.” По ова, постои и елементот на автентичност - целта е да се продава, но мора да се задржи и довербата. Не можеш да продадеш било каков производ. Следачите мораат да ти веруваат и да се вратат по уште.

„Како и секоја друга работа,” вели Венз Бокс, блогерката од VenzEdits и креатор на RewardStyle. „Мораш да научиш нешто за твојот клиент. Најдобрите инфлуенсери знаат да се поврзат со луѓето - инспирираат, но не се совршени.” И постојаноста е важна: „Мораш да станеш секое утро, да објавуваш три до пет пати дневно за нешта што твојата публика ги сака и да поминеш време во комуникација со заедницата,” додава таа.

На крај, таа заедница ти е всушност плата. „Колку повеќе луѓе гледаат во твоите содржини, толку повеќе пари можеш да направиш,” завршува Сара Трип, која посветува голем дел од времето секој ден одговарајќи директни пораки на Инстаграм, најчесто за мода и боди позитивити. „Одговарање на толку многу пораки некогаш бара часови и часови, но секогаш се трудам да одговорам на секоја.”

И се исплати - во јануари, кој обично е послаб месец, Сара потпишала договори за кампањи во вредност од 50.000 долари.

„Драго ми е што гледам дека оди напред,” вели таа. „И покрај презаситеноста на индустријата, маркетингот со инфлуенсери функционира и понатаму.”

21 март 2018 - 12:16