Како се живее во стан од 6 ипол квадрати

Шест! Ама во Њујорк. Ама за 1345 долари месечно.

Сумата што во Македонија ќе ви донесе месечен престој во куќерина со разно-разни финоќи, базени и чудесии, во Њујорк ви носи 6 квадрати, тоа сме апсолвирале веќе. Сепак, како всушност изгледа тоа?

Лив Хендрикс е студентка, по потекло од мало гратче во Тенеси, што сонувала да се пресели во Њујорк уште откога прв пат го видела на четиригодишна возраст. Ама не нешто Бруклин, Бронкс, кај евтиноќите, па со цимери. Не, сама, во центарот на случувањата. И бидејќи е језиво тешко да го изведеш тоа во град како Њујорк, се снаоѓа со - студио од 6 ипол квадрати, за „само“ 1345 долари.

Прво станува и креветот го собира и го прави кауч. Ова ја нарвира, ама инаку нема начин да се движи.

Потоа си прави кафе и појадок, затоа што одбива да го жртвува кафето поради малиот простор, но, за да го дофати, мора да се качи на фрижидер, а таму горе ѝ стојат и електричниот бокал и мелницата за кафе, затоа што за нив нема место на кујнските елементи.

Кујната се состои од садопер и апарати. Појадок прави со помош на машина-комбинација на тостер-рерна-апарат за готвење на воздух. И мора одма да измие садови затоа што инаку ништо веќе нема да ѝ собере.

Плакари нема, па алиштата ги држи наоколу, по кутии и закачалки. Пере надвор по перални затоа што не може ни да замисли каде би ставила машина. Производи за нега на лице става во купатило, ама се шминка во дневна за да има повеќе простор.

За сметка на ова, се наоѓа во центар, па седењето во Вашингтон Сквер Парк ѝ е како седење во двор.

Кога ќе дојдат гости е тешко, ама го решава тоа со перници на земја. Телевизор нема, филмови гледа на компјутер. Ако стане гужва, излегуваат и шетаат низ град.

Туширањето е фрустрација затоа што целото купатило е туш кабина. Тоа знае да нервира, ама истовремено, може под туш да се средува и да мие заби, а да се гледа во огледало, а кога ќе пушти музиката, акустиката е одлична.

Бучавата во градот знае да пречи, но спие со слушалки.

Би сакала еден ден да има дневна и нормален фрижидер, но во моментов е задоволна. Во мал стан учиш да цениш простор и колку е од суштинска важност уредувањето за да личи на дом. Што е најважно, вака може да живее во центарот на Њујорк, што ѝ е приоритет - и онака градот се доживува надвор од дома.

Би можеле, атер за овој комшилук?

3 јуни 2021 - 00:38