Како се реагира на сексистички билборд

Откако најголемиот шопинг центар во Хрватска пред еден месец ги налути луѓето со сексистички плакат, Невена Црљенко одлучува да им покаже дека не секој маркетинг е добар маркетинг.

Прво, на некој маркетинг гуру му текнало дека во 21 век е супер идеја да направиш ваков плакат:

„Пак ми ѕвонеше поштарот во 7 сабајле за пакет од оваа, ќе ѝ ја земам картичката... (Томислав Р. 32)

Дојди со неговата картичка во Вестгејт, ние нема да те издадеме. Брзо решение.“

На Црљенко, инаку потпретседател на секторот односи со јавност во Филип Морис, која има богата кариера зад себе и во моментов живее во Швајцарија - не ѝ е сеедно. Без разлика што не живее веќе таму, вели дека ѝ е битна Хрватска и дека не сака да врти грб на проблемите.

„Овој плакат беше само капка што ја прели чашата. Го прочитав текстот, се изнервирав и во рок од неколку минути имав слоган и план, само требаше да се завршат неколку работи пред самото поставување,“ објаснува таа за Јутарњи лист.

Резултатот:

„Сите се на мое име. Ги пеглам секаде во светот, но не и во Вестгејт.

Невена Ц. 48“

Прво сакала да го постави карши молот, но се покажало комплицирано. Не изгубила надеж и веднаш почнала да бара локација каде што многу луѓе ќе го видат. И наоѓа прометен мост:

„Знаев дека ако го ставам таму, ќе го видат 50.000 луѓе што секој ден одат на работа од таму. Верував дека ќе допре до нив и дека ќе се покрене некаква дискусија, што по првите реакции се покажа и како точно,“ вели Црљенко која досега има добиено еден куп реакции и од мажи и од жени и 99% се позитивни.

Мотивирана била од константното присуство на неприфатлив дискурс во јавниот простор и тврди дека секој пристоен човек треба остро да го осуди ова. Покрај тоа, ужасно ја лути што мажите и жените што јавно реагираат против сексисзмот често се осудувани.

„Често слушаме ‘што се нервираш, имаме поголеми проблеми‘, но се согласувам, мислам дека е многу важно да постои родова рамноправност и да се престане со омаловажување врз основа на пол,“ објаснува таа.

Инаку, билбордот го има платено сама, од сопствени средства.

„На нашето општество му е потребен ваков разговор, само го испровоцирав на еден поинаков начин. Имаше добри текстови по медиумите, ама не провоцираа дебата. Со моите финансиски можности сакам да дадам глас на секоја жена, на секоја девојка и секој маж што немаат можност директно и јавно да говорат за овој проблем.“

Да потсетиме, во моментов на Хрватска ѝ се случуваат „молители“.

11 мај 2023 - 08:53