Ќе разговараме ли за „молителите“ во Хрватска?

Секоја прва сабота во месецот, на плоштадот бан Јелачиќ во Загреб се собираат мажи и се молат на колена. Невообичаено, но навидум ништо спорно. Додека не ги прашаш што сакаат.

Кога ќе налеташ на информациите, прво мислиш дека е некаква шала. Но не, „Витезите на безгрешното Мариино срце“ посветено доаѓаат на плоштадот, клечат и се молат за следниве работи:

  • за татковината, за мир и преобратување на хрватскиот народ
  • за мажите - да станат духовни авторитети во семејството кои храбро ќе ја сведочат и ќе ја пренесуваат католичката вера
  • за живот во предбрачна чистота, за скромност во облекувањето и однесувањето и за обнова на католичките бракови
  • за престанување на абортусот и отвореност на брачните парови кон животот
  • за автентични и безкомпромисни црковни пастири и нови духовни звања
  • за душите во чистилиштето
  • за лични заложби

„Многу женски лица не се свесни кога се облекуваат провокативно и тоа кај машката популација предизвикува многу големи непријатности и слично, а женските лица треба да мислат како се носат, за со својот начин на облекување да не предизвикуваат гревови кај мажите,“ ќе каже патер Божидар Наги од базиликата Исусово срце.

На прашањето на една новинарка дали мажите не се сами одговорни за своите гревови, сепак ќе инсистира:

„Видете, има и такви што провоцираат, свесно или несвесно, тоа е конкретно женско неморално облекување.“

Иницијативата почнала од една Фејсбук-страница со значајно име: Muževni budite, наменета за католичкиот маж, како што им пишува во описот. Уредникот на страницата, Крунослав Пушкар во телефонски разговор кажал дека не сака да дава изјави за световни медиуми.

Свештеникот што ја предводел мисата сакал:

„Тоа е едно молитвено движење кое започна во Полска и се шири по целиот цвет. Кај нас дојде пред од прилика четири месеци, барем овде во Загреб, но и во други градови во Хрватска.“

Во Полска инаку почнува како Ордо Јурис, ред кој, според Паулина Јанус, која од таму се има преселено во Загреб, е причината што Полска денес изгледа како што изгледа.

„Ордо Јурис на почетокот беше една маргинална инциијатива и ние се зезавме дека се тоа некакви лудаци со радикални ставови, луѓе што не претставуваат никого. Меѓутоа, потоа на власт дојде десницата и партијата Право и правда и неколку нивни коалициски партнери уште подесни од нив. И тогаш, ставовите што ги изнесуваа тие екстремисти станаа ставови на владејачките партии,“ вели Јанус.

Католичката црква во Хрватска засега не коментира јавно за „молителите“. Едвај нешто има кажано надбискупот Мате Узиниќ, кој скоро на медиумите им рече дека молителите му изгледаат како политички или активистички собир и дека тоа не е негов начин на делување.

10 мај 2023 - 09:12