Најновите главно излегоа од Нетфликс. На пример, To All the Boys I’ve Loved Before беше љубовно писмо до неподносливоста на имање симпатија, а Sierra Burgess Is a Loser зборуваше за неочекуваните односи што ги создаваш кога си глуп тинејџер, притоа со проблематични решенија. Set It Up нè потсети на времето кога се правеа елаборативни романтични комедии што мислевме дека веќе нема да се повторат, и со уште еден куп вакви, светот бегаше од непријатните вести што повеќето сајтови што не се Нетфликс ги нудеа.
Сепак, паралелно се провлече уште нешто. Историски гледано, романтичните комедии беа главно женски простор - стилизирани, шарени, смешни и лесни - и поради тоа често отфрлани од патријархалната, истоштувачки хетеро, машка критичка класа. Истовремено, беа единствен жанр каде што жените беа централна приказна, со оглед на тоа што обработуваа соништа, желби и комплексности на модерните жени. На пример, можеме до утре да дебатираме дали Џулија Робертс имала пофасцинантна улога (во романтична комедија) од анти-хероината во „Свадбата на мојот најдобар пријател” од ’97-ма.
И преку романтични комедии, актерките стануваа ѕвезди. Значи, Џулија Робертс, Сандра Булок, Рис Видерспун, Џенифер Анистон, сите се трансформираа во џинови на индустријата, благодарение на нивните роматнични комедии. После нив, стекнуваат значителна холивудска моќ, огромни примања, бројни нови (и сериозни) улоги и посветени фанови.
На сличен начин и новите романтични комедии од 2018-та креираат ѕвезди, ама не од нивните главни женски улоги. Напротив, ѕвезди станаа дечките што глумеа дечковци на главните.
Ноа Сентинео, кој го играше „дечкото„ и во All the Boys и во Sierra Burgess, летово стана омилена интернет и филмска фаца, и веднаш почнаа да го ставаат по мемиња и Базфид квизови. Така и Хенри Голдинг од Crazy Rich Asians се појави од никаде, наоружан со Хју Грант акцент, британски шарм и неносење маици, па брзо-брзо стана сеприсутен, освојувајќи ги и Ана Кендрик и Блејк Лајвли во A Simple Favor.
Сега ги викаат секаде. Сентинео ќе почне со „Чарлиевите Ангели,” на пример, а Голдинг ќе глуми во акциона комедија на Гај Ричи и празнична романтична комедија со Емилија Кларк.
И фино е сè тоа, само што последицата е што многу од жените покрај кои што играат и стануваат популарни остануваат малку на клупа, затоа што на Холивуд не му е прв пат да не научи лекција од филмски трендови. Во секој случај, 2019-та изгледа како да ветува дека уште подлабоко ќе им влезе на романтичните комедии, што значи дека и понатаму ќе се користат за бегство од реалниот хорор што го опкружува светот (само затоа што вакви убавини никако да стигнат до мејнстрим медиуми). Само, дали ќе може да се контролира непријатниот момент дека мора да се гугла името на главната актерка во To All the Boys I’ve Loved Before, а веднаш да може да се препознае дечко ѝ, Ноа Сентинео?
Од друга страна, можеби и треба да се потсетиме на фактот дека романтични комедии често гледаат хетеро жени и да не се преправаме дека не знаеме како функционира публиката.
Лана Кондор се вика, иначе, девојчето од To All the Boys I’ve Loved Before. Закон е, и плус е јако што за промена не е бела глумица, без да се инсистира на тоа дека не е бела.
А Ноа Сентинео е баш сладок дечко.
И филмот е супер.