Како изгледа да имаш деца, а да не сакаш да ги имаш

„Го обожавам син ми - би умрела за него; би убила ако морам. А сепак, ако можам да се вратам во времето и да немам деца, не би родила. Не бев спремна за дете, иако ја планиравме бременоста. Не бев спремна колку многу ќе се изгубам и себе и целиот идентитет.“

На прашање на Редит, „Како е да имаш деца што не сакаш да ги имаш?“ корисниците анонимно споделуваат одговори и практично даваат образложение на проблемот со притисокот на „да си родиш“.

Звучи страшно, и веројатно мнозинството очекува катиљ-мајки и татковци што сакаат да си го остават детето на автопат, но не - реалноста е дека сите си ги обожаваат децата, ама постојано ги тишти еден, не баш мал проблем - дали животот ќе ми беше подобар ако не го родев?

1. Си ги обожавам децата и ми кажале дека сум многу добар татко, понекогаш и уживам во улогaта, но главно ме цеди… Разбирам дека има луѓе што уживаат да поминуваат време со децата, како што има луѓе што уживаат во разговори со непознати - и едноставно - јас не сум таков.

2. Имам старателство врз децата на брат ми. Не ги побарав. Веќе имам свои. Децата на брат ми не се воспитани како моите. Многу е фрустрирачки. Ги сакам. Ќе ги заштитувам и ќе се грижам за нив. Многу сум вознемирена поради фактот што не можам да ги сакам како моите деца. Ме депримира тоа. Се мразам заради тоа чувство… Се трудам многу внуките и внуците да не забележат дека ме мачи ова, ама децата се паметни и забележуваат вакви работи.

3. Не се чувствувам како мајка, се чувствувам како старател. Многу малку ме радува грижата за мојата ќерка и истоштена сум. Пандемијата ми го уништи и тоа малку разум што го имав, па не можам ни да земам воздух сега кога не оди ни во школо.

4. Ми го одреди правецот до крајот на животот. Искрено верувам дека ако немав дете, особено ако не го родев сама и толку млада, ќе успеев многу повеќе во животот. Животите и на двете ќе ни беа подобри ако почекав за да ја родам или ако ја дадев некој да ја посвои, како што и сакав ама сосила ми го одземаа тој избор.

5. Имам три. Бев убедена дека сакам деца затоа што мислев дека така се прави: да се омажиш и да имаш деца. Ги сакам и им посакувам најдобро. Но, ја немам таа конекција со нив како други мајки што имаат. Не ми недостасуваат кога треба да одам на долго патување. Чувствувам само олеснување. Тоа што се нонстоп дома заради пандемијата ми паѓа многу тешко. Чувствувам многу вина поради ова. Иако сум опкружена со семејството, сепак сум осамена. Како да не припаѓам во сопствениот живот.

6. Како да имаш гости дома што никогаш, никогаш не им текнува да си одат, а мораш да се грижиш за нив за да немаш проблеми и да не ти суди светот.

7. Искрено, имам размислувано за ова порано. Син ми (14 месеци) беше планиран и неверојатен е, апсолутна ѕвезда во нашите животи. Од друга страна, ми беше ужасно лошо во текот на целата бременост, бев депресивна и се мачев до пред неколку месеци. Ова се влоши затоа што се селевме два пати, плус КОВИД и никогаш, никогаш веќе не сакам да го повторам.

8. Мојот сопруг и јас сме старатели на внука ми три ипол години… Сега има скоро 16 години. Јас имам 29 и чувството ми е како да сум се откажала од најлесните и најбезгрижните години за да ги воспитувам децата на сестра ми. Отсекогаш сум сакала мои деца и сега кога се мачам да забременам, не можам да не се нервирам поради фактот што морам да гледам едно од шесте деца на мојата сестра која е наркоман. Главно, внука ми е добро дете. Ја сакам и сакам да успее во животот, но не ја чувствувам како наше дете, а таа не нѐ смета нас за родители.

9. Мојот поранешен сопруг ме малтретираше психички и ако сум сосема искрена со себе, ме присили да забременам само три месеци откако се породив и ја загубив нашата ќерка на само 20 недели од бременоста. Не бев подготвена и не добив можност да жалам. Нашиот син се роди 13 недели порано, помина два месеци во инкубатор и нѐ чинеше милион долари во првата година. Сега има скоро 7 години, „таткото“ го нема со години и до скоро, сѐ правев сама.

10. Поранешната девојка „ме заглави“. Престана да пие контрацепција и не ми кажа. Потоа, ме изневери додека беше бремена. Во тој момент, не сакав ништо со нејзе и не бев подготвен да бидам татко. Бев млад и глуп и сѐ уште учев кој сум и што сакам од животот. Таа ми рече дека не морам да бидам присутен како родител, но не можев. Ќе ми тежеше многу на совеста да знам дека имам дете по светов, а не го гледам.

11. Девојка ми имаше две годишно дете кога ја запознав. Сега има 5 години. Не планирав деца, но ја сакам и навикнат сум. Го учам ствари и приврзан ми е, но во идеална ситуација, не би сакал да ми се мота дете. Никогаш не сум го кажал тоа гласно.

12. Ги мразиш и се мразиш себеси што ги мразиш.

13. Да си самохрана мајка со дете што е заглавено со тебе - обврска ми е. Го сакам детето многу. Но, не ја чувствувам таа совршена врска на мајка-син што ја опишуваат другите родители. Понекогаш им завидувам. Можеби затоа што бременоста беше непланирана, или можеби затоа што се прибирав во празен стан, а мојот партнер се собра и се пресели, а јас морав да се грижам за едно човече со лице исто како неговото.

14. Син ми се роди пред нешто повеќе од година. Не беше планиран. Со жена ми го пречекавме пресреќни. Го сакаме и се грижиме за него и се обидуваме најдобро што знаеме да му обезбедиме одличен живот. И токму поради тоа правење сѐ за да му обезбедиш добар живот - немам веќе душа.

15. Го обожавам син ми - би умрела за него; би убила ако морам. А сепак, ако можам да се вратам во времето и да немам деца, не би родила. Не бев спремна за дете, иако ја планиравме бременоста. Не бев спремна колку многу ќе се изгубам и себе и сопствениот идентитет. Не бев спремна за недостатокот на сон, постојаното врескање. Мислам дека имам многу лошо искуство. Бев многу, многу болна откако родив. НИКОГАШ нема да дозволам син ми да го дознае ова. НИКОГАШ нема да дозволам да се почувствува недоволно сакан. Не беше негов избор да се роди.

16. Мислам дека ова е разговор што повеќе жени треба да го водат. Скоро па да ќе те запалат на клада ако признаеш дека, можеби, ако можеш да го вратиш времето - не би имала деца. Мислам дека овие дискусии ќе ја осуетат идејата дека ако си жена, автоматски ќе си ги обожаваш децата. Треба жените да знаат дека имаат и други опции освен станување мајка. Има жени што се мачат и со постнатална депресија и можеби тоа што другите зборуваат за ова ќе им помогне да се чувствуваат помалку виновно или отуѓено.

Сите други - тука.

18 март 2021 - 12:29