Како да ни мириса на чисто и покрај „носното слепило“?

Во туѓи домови забележуваме: мириса на тоа што се готвело претходната вечер, на миленици, на пропуштена мувла во бањата... Но, зошто е тешко да забележиме како нам ни мириса дома, уште пострашно - ако е лошо?

Накратко, проблемот е што после некое време - се навикнуваш.

Има и термин за тоа - носно слепило, или олфакторна адаптација и виновен е мозокот. Се работи за природен сензорен феномен, при кој мозокот се адаптира, и со тоа „на мјут“ ги става познатите мириси, а новите ги регистрира без грешка.

Главниот проблем во куќните мириси е влагата - на пешкири, во одводи, по чешми... И се решава со вентилација и редовно чистење. Други предизвикувачи на проблеми се кантите за ѓубре, теписите, тапацираниот мебел и сè што користат домашните миленици.

После одредено отсуство од домот (како одмор), а често и само после неколку часа, можеме да се ресетираме и да го забележиме проблемот. Но, и доколку тоа не е можно, има начини барем да бидеме сигурни дека што е до нас - непријатните мириси ќе се сведат на минимум.

Една варијанта е прочистувач на воздух, која што бара инвестиција, но друга беспари-варијанта е да оставиш чинија со оцет. Прво ќе мириса куќата на оцет, но за кратко се губи мирисот и се отстрануваат непријатните кујнски мириси.

Мирис се неутрализира и со сода бикарбона, со посипување на тапацираниот мебел и теписите (по што се поминува со правосмукалка).

Можете да користите дифузер со етерични масла, а и да чистите со нив - се ставаат во садот со средство и освен што мириса домот на нив, се намалува и мирисот на средство за чистење.

Наместо свеќи кои носат опасност од пожари, обидете се со парфем за простории што се става во струја. Работи 24/7 и мириса убаво, само што не се сите воодушевени од нив, и прашање е колку се безбедни за вдишување.

Вештерскиот пристап е да подготвите „котел“ - и не, не е шала. Во тенџере што врие на тивко, ставете неколку парчиња портокал, брусници, стапчиња цимет, или што и да ви се наоѓа слично по дома (рузмарин, лаванда, шишарки...), а да мириса убаво - и оставете да врие некое време, додека домот не замириса баш на тоа што се вари. Внимавајте да не го заборавите шпоретот вклучен, а „котелот“ секако може да се остави преку ноќ да шири мирис.

12 ноември 2024 - 12:11