Како Бразилската депилација го добила името?

Самото спомнување на депилација на препони ги тера жените (па и мажите, последниве години) да се потресат, а никој не се откажува од тоа. Додека ја градите вашата love-hate relationship со козметичарката (лав затоа што реално, многу ви иде муабетот, хејт затоа што ве малтретира со корнење), дали сте се запрашале - од каде доаѓа името - Бразилска депилација?

Векови претходно, жените биле запознаени со овој метод, односно, неговите еквиваленти што не содржат Бразил во името. Го сметале за практичен од хигиенски причини, особено на потопли места. Во античка Грција, Рим, Египет, Саудиска Арабија, Турција и Персија, комплетната депилација се правела со паста од шеќер и лимон, и во Египет ова уште трае, како дел од една предсвадбена церемонија.

Во земјите на блискиот исток, отстранување на влакната се смета за нормална хигиена и често се прави на целото тело. Праксата е стара со векови, но долго време не станува масовно, глобално прифатена.

Тоа почнува да се менува кога бикини костимите во Бразил почнуваат да стануваат многу помали во ’70-тите и ’80-тите и на плажите во Рио почнуваат да излегуваат жени со танга. И како што костимите зафаќале сè помала површина, а се изложувало сè повеќе кожа, методот од Блискиот исток на жените им станува многу добра идеја.

Бразилската депилација се разликува од некоја обична по тоа што се отстрануваат влакна од страните, во средината и позади, со оставање на тенка линија напред. Методот се шири интернационално во 1987-ма, кога седум сестри од Бразил, J Sisters, отвораат салон за депилација во Менхетн, Њујорк и ја воведуваат оваа идеја и техника. Многу брзо салонот добива славни клиенти и методот Бразилска депилација станува популарен.

Во последниве години, телевизијата ја популаризира, дури и ја романтизира Бразилската депилација. Се прават и варијации на тема, како на пример „Холивуд” методот, што значи отстранување сè.

Во Бразил, исто ко кај нас, обичајот е да одиш кај истиот козметичар на околу 4 недели, а односите се блиски, затоа што сепак, како што ќе напише Сара Браун за The Culture Trip, оваа жена, гледа баш сè.

4 септември 2017 - 13:15