Како антиејџ-машинеријата ни го испра мозокот?

Што ни вреди да изгледаме младолико ако духовно и ментално почнуваме да старееме уште од дваесеттите, ако забораваме да се радуваме на ситници и ако седиме со главата закопана во секојдневието?

Пишува: Ина Полјак

Пред неколку години на социјалните мрежи почна тренд жените да се сликаат без шминка и додатоци како филери (но не и филтри) со хаштаг #природнажена или #природнаубавина. Не се сеќавам баш ни што беше поводот, не знам кој, зошто и од која причина го почна - во секој случај, одзивот беше огромен. До ден-денес мислам дека тоа беше еден од потешките удари (поточно, автоголови) што ги прими феминизмот на нашите простори, а не е дека му цветаа ружи.

Работата е во тоа што ова е една грозна и мизогина дискриминација на жените кои предност даваат на она што општеството го дефинира веројатно како неприродна убавина, односно убавина појачана со естетски интервенции. Особено е поразувачки што доаѓа од самите жени, кои веројатно веруваат дека повеќе вредат како жени (!) ако не го изложиле своето лице на естетска хирургија, или останати, можеби помалку инвазивни интервенции.

Кога овој свет би бил барем малку поразумно место, секоја жена би можела да бира како ќе изгледа и притоа сите би ја оставиле на мир што се однесува до нејзиниот избор, каков и да е. Поентата на феминизмот, значи, не е сите да мораме нешто - да бркаме или не бркаме кариера, да имаме или немаме филери, да имаме или немаме деца - туку секоја од нас да може да избере било која од овие опции.

Сега кога го решивме тоа, да поминам на главното, а тоа секако не е прашањето „за“ или „против“ естетски интервенции, затоа што тоа прашање е потполно бесмислено. Зошто? Затоа што било чие вбројување во еден од овие два табори не е ничија работа, освен на оној што ќе одлучи дали ќе ги имплементира на сопственото лице и тело.

Она што мене овде ме интересира е прашањето - тесно врзано со естетската хирургија/интервенции - како, добога, дозволивме антиејџинг-машинеријата да ни го испере мозокот до таа мера ние сосема да ја нормализираме?

Ајде да спроведеме еден мал мисловен експеримент, чисто да видиме колкави се размерите на таканаречената антиејџ-тиранија. Замисли свет во кој не постои идејата дека мораш да изгледаш помладо отколку што изгледаш. Да не постојат сите тие креми, третмани, диети што ветуваат подмладување. Свет во кој е нормално првите брчки да ти се појават на триесет-и-нешто, па тие само да се продлабочуваат. Во кој е сосема океј да изгледаш како за своите години.

Замисли тогаш колку индустрии би пропаднале, колку производи би ја изгубиле својата цел (или она што маркетингот го вика unique selling point) колку реклами и кампањи едноставно би снемало. Колку помалку време би биле оптеретени дали изгледаме помлади. Којзнае, можеби попаметно би го трошеле? (Веројатно не, би нашле некоја друга празна опсесија).

Ваков свет не е баш лесно да се замисли, затоа што мозоците ни се масовно испрани од сите тие кампањи и наративи на општеството во кои ние никогаш не сме доволни. Кога сме млади, сакаме да изгледаме постаро. Кога имаме повеќе кила, сакаме да ослабнеме; кога сме фит, уште малку да се затегнеме; кога сме затегнати, ни фалат уште мускули. Никогаш не е доволно добро, затоа што да беше, кому ќе ги продаваа сите тие третмани, режими и чуда?

Да се разбереме: И овде имам потполно ист став како и со естетската хирургија. Не сум против антиејџ-третмани и веќе една деценија користам креми со некои таму силни подмладувачи и ја фарбам косата штом седите влакна ќе го објават своето присуство. Ако сакаш да старееш природно, како Џоди Фостер - одлично. Ако не сакаш, и сакаш да изгледаш како Доли Партон - пак, одлично. Она што мислам дека е битно е да се запрашаме дали нашите избори се навистина наши, или сепак во очи ни е фрлена лажлива прашина за вечна младост и убавина.

Кај тоа актуелно прашање за вечната младост, има еден парадокс кој е највидлив ако го погледнеме оној расчекор меѓу квантитетот и квалитетот на животниот век на луѓето на денешницата. Од една страна, никогаш не сме живееле подолго, благодарение на медицината и константниот напредок на науката и технологијата. Од друга страна, истражувањата за осаменоста и оттуѓеноста кај старите луѓе сè повеќе покажуваат дека, во однос на нивното ментално здравје, ситуацијата е сè поалармантна.

Не ни се потребни ни истражувања за да видиме на кој начин општеството ги третира старите. Како да се вишок, како да пречат, како да не се знае веќе што со нив, сега кога веќе не можат да учествуваат во немилосрдната мелница на капитализмот. Да, ќе ти го спасиме животот, ќе ти дадеме лекови што ќе те држат жив колку што е можно, па потоа ќе те пратиме дома каде што ќе кмишиш во своите четири ѕида, осамен и тажен да ја чекаш смртта затоа што веќе не придонесуваш и не си наш проблем. Тој наратив звучи некако така, нели?

И така доаѓаме не до парадоксот - затоа што ова е поголемо од парадоксот и веќе влегува во лицемерие - туку до чист апсурд, до сржта на антиејџ-тиранијата која гласи: Изгледај младолико што подолго можеш, а кога ќе преминеш одредена старосна граница, нема веќе да се бавиме со тебе, освен ако не мораме, така што ќе имаш многу време да уживаш во убавината на твојата кожа, сама и потполно заборавена од истото тоа општество што постојано ти нафрлаше чувство на вина што во нешто не си доволна.

Животот на возрасните е доста здодевен, тоа е заклучок до кој лесно се доаѓа некаде во дваесеттите, а подоцна станува само поздодевен. Игрите и истражувањето на светот околу нас што така спонтано ги практикуваме во детството, ретко ги заменуваме со нешто што макар на приближен начин нè исполнува. Животот брзо се претвора во монотонија на секојдневието, каде што му се молиш на космосот за малку време за себе, за пар минути тишина, за одмор од сите што нешто бараат од тебе. Помал е бројот на луѓе што редовно уживаат во нешто што им носи восхит како кога биле мали и кога светот престанувал да постои кога ќе седнеш на точак, или ќе земеш книга од омилениот писател, или ќе почнеш да составуваш куќичка за птици.

Возрасни сме, стануваме досадни и сме заборавиле да си играме. Нема таков антиејџ третман што може да го сокрие фактот дека можеби ќе имаме чело без брчки, но тоа љубопитно девојче или момче со изгребани колена престанало да постои, и тоа често долго пред брчките да се појават.

Што ни вреди да изгледаме младолико, ако почнуваме духовно и ментално да старееме уште во дваесеттите, ако заборавиме да се радуваме на ситници, ако сме нурнати со главата во секојдневието, уверени дека само така може и само така е исправно?

Луѓето што ги познавам, а за кои би рекла дека се многу помлади отколку што се календарски гледано, немаат совршено измазнети лица, но имаат став кон животот што ги подмладува. Знаат да си играат, да се смеат на сами себе, да поминуваат време уживајќи во она што им е навистина битно и забавно. Не им робуваат на очекувањата на другите. И да, многу од нив користат и антиејџ креми, затоа што едното не го исклучува другото.

Антиејџ-тиранијата со своите пипалки најмногу ги малтретира жените, затоа што изгледот на жените, се разбира, е предмет на генералниот општествен концензус. Меѓутоа ни мажите не се поштедени; поточно, за некои работи поминуваат полошо од жените. Како што тоа го објасни авторката и новинарка Кејтлин Моран во една своја книга, благодарение на феминизмот, жена од пеесетина години што се развела, купила црвено порше и одлучила да го живее животот со полни гради, од другите жени ќе биде дочекана со „Браво, женска, само напред!“ На мажите во истото сценарио би гледале со сожалување и би ги прогласиле за клише што оди. Не е фер, нели?

Бидејќи мислам дека лицемерието е едно од најлошите лица на општеството во кое живееме, мојата поента кај антиејџизмот не е да се откажеме од целата идеја. Веќе реков дека и самата имам многу активности за одржување на здравјето на кожата и дека имам план да живеам сто години (немам). И верувам дека е сосема во ред да се грижиме за својот изглед онака како што мислиме дека треба, што и да подразбира тоа.

Она што мислам дека треба да биде поентата е - чувај го лицето, разубавувај го како што ти е мило, само немој да заборавиш на духот. Прави нешта што навистина ги сакаш, викни од среќа ако ти дојде така кога прв пат до колена ќе влезеш во море, посакај му на глас добро утро на непознато куче, намачкај ги ноктите со различна боја, намерно легни доцна затоа што денес се преправаш дека е летен распуст…

Нешто, било што, што ќе те врати во детство, кога ти беше најважно да играш и да истражуваш, кога секој ден беше нова можност да се случи нешто интересно и кога ти беше гајле дали имаш мустаќи од сладолед или чоколадо.

Велике приче

16 јули 2024 - 12:16