Толку чини станот на Томи Хилфигер во Њујорк, поточно, спратот (веројатно?) од Плаза каде што живее со жена му.
Ние уживаме во гледање на несекојдневна естетика на ентериери, затоа што тоа нè потсетува дека низ светот живеат луѓе со повеќе идеи отколку врати боја „бебине каке” и беж тросед-двосед-табуретка од Рандом мебел. Така се преправаме дека не сме опкружени со непродуховеност и безидејност, а дека „црна кожна гарнитура” не е еквивалент на фаќање на одредено божество, кое и да ви е драго - за муда.
Во Плаза престојувале Битлси, Ролинг Стоунс, Мерилин Монро, многу од фаците што ни се битни. Ваквата историја игра голема улога за Хилфигер, кој решава дека тука ќе го гради гнездото, и го гради, богами со пристап каков што ретко гледаме. Да, има фантастична трпезарија и исто како многумина од нас - ја искористил три пати, и да, има кујна од која може глава да те заболи и без разлика што „понекогаш прави тост таму” му е омилена просторија во „куќата”.
Скромната библиотека (тајна соба? Што знам?) има слики поклон од Мик Џегер, „Интервју со Енди Ворхол” од Карл Лагерфелд и семејни фотографии од Ени Либовиц. И над книгите, оригиналниот знак на Њујорк Тајмс.
И ова е само дел од приказната за вниманието на детали на овој, навидум обичен брачен пар.
Обичен брачен пар со мини-бар во спална.
Која има тераса.
Која гледа на Централ Парк.
И не е само ова, сè друго е њујоршка историја за вилица до земја.