Позајмено интервју:

„Јас сум Валентино. Живеам во свој свет.”

„Секогаш со радост сум ги прифаќал сите имиња што ми ги давале: Кралот, императорот, иконата. Јас сум Валентино. Живеам во свој свет. Животот не ми се смени, секогаш бил ист. Сèуште сум истиот од пред многу, многу години, истата личност. Сакам да создавам облека, сакам убави нешта, убави куќи, уживам да забавувам. Ако сакаат да ме викаат икона, ако, тогаш сум икона. Што да ви кажам?”

Г–не Валентино, колку често го користите зборот белисима­?

Го кажувам кога ја гледам вистината, кога ќе видам нешто навистина убаво.

Дали тоа се случува секој ден?

Се обидувам да гледам такви работи често.

Дали убавината ви е навистина најважна?

За еден создавач, убавината е најважна. Од мал се воодушевував како изгледа еден фустан, се восхитував на убаво лице, на прекрасно тело. Уживам во убавината на една жена, на еден маж, на дете, на слика. Убавите нешта се важни и го прават животот важен. Од мал се фокусирам да ја ценам убавината.

Кога ја започнавте кариерата како млад човек во Париз, дали помисливте дека ќе станете таква брилијантна, меѓународно позната легенда?

Кога почнуваш, многу е тешко да сонуваш. Но се разбира, имаш желби, Направив една многу важна колекција во 1968-ма и сфатив дека сум навистина добар. Сите магазини, сите дојдоа да ме видат. Станав многу познат по мојот гламур и женственост и жените ја засакаа мојата облека.

Од тогаш, индустријата е многу сменета. Како би го сумирале тоа?

Модата се менува многу и тоа секоја деценија. Ми се допаѓаа ’60-тите, па и ’70-тите, а не можев да ги поднесам ’80-тите: Мислам дека беа премногу вулгарни. Дамите беа полудени по купување облека, но не беше добро: големи потпунки, кратки фустани, коси како планини. Но ’90-тите ми се допаднаа.

Пред да се пензионирате, кажавте дека во денешно време, еден дизајнер, мора да биде повеќе менаџер, отколку креативен уметник. Сè уште мислите така?

Сега мислат само на пари. Ако сакаш да заработуваш многу пари, ќе се обидеш да направиш производ што ќе се продава секаде. Но тогаш, продуктивноста се намалува. Производите се евтини, затоа што материјалите не се многу скапи. Ова не е мој свет, како што гледате.

Како се инспирирате?

Сонувам фустани понекогаш. Потоа станувам и цртам. Се инспирирам и ако отидам во музеј, или ако одам во Кина и ги видам костимите во националниот театар. Добивам многу инспирација од вакви работи, но никогаш од жена. Го правам фустанот за неа, но никогаш не ме инспирира.

Зошто така? Имате одличен однос со огромни филмски ѕвезди, холивудски диви и дами од високите кругови, некои од нив мора да се инспиративни на некој начин?

Работата е што, морам да се вљубам во мојата колекција. Морам да создадам мои лични нешта за сезоната. Ако ми се допаѓа, тогаш и филмските ѕвезди и дамите ја сакаат.

Кој е најубавиот фустан што сте го дизајнирале?

Сум направил многу убави фустани, извинете. Јас сум човек со вкус и кога нешто не ми се допаѓа, не го вклучувам во колекцијата. Само ја сакам суштината на убавината.

Која е совршената Валентино жена?

Жена со вкус. Мора да знае што сака, затоа што ме фрустрира кога некој ќе ми каже “прави што сакаш. Направи ми нешто убаво.” Подобро е кога жената ќе дојде и ќе дискутира со тебе, и има карактер, и привлечно е да дизајнираш за неа. Такви жени сакам.

Со која манекенка сте најблизок, која ви е омилена?

Сакам многу од нив, но ако размислам, имам посебни чувства за Жизел. Според мене, таа е најубавата жена на светот; таа е супер-ѕвезда манекенка. И Клаудија ја сакам многу.

Уште една важна личност, Џанкарло Џамети, вашиот партнер, со кој сте 40 години заедно.

Врската продолжува, дури и со најголемите бури. Сме имале расправии, проблеми, но г-н Џамети е многу добар со мене. И ми дава можност да работам на раат, без стрес. Секогаш сум можел да седам во ателјето, да дизајнирам, да подготвувам колекции без да се грижам за нешто.

Кој ви е најдобар пријател во модната индустрија?

Најдобар пријател? Веројатно имам 1000.

Од конкуренцијата, кого највеќе го почитувате?

Многу сум близок со Карл Лагерфелд. Ми се допаѓа што работи, многу е талентиран, многу е храбар и одличен фотограф е. А и многу, многу, многу му се восхитував на Ив Сан Лоран.

Да може младиот Валентино да ве запознае денес, што би помислил?

Мислам дека би бил многу, многу среќен, затоа што имав големи соништа. Секогаш сонував за убавина. Мајка ми велеше, само на глупости мислиш.

Вашето име и статус станаа недостижна величина во еден момент. Дали некогаш стануваше тешко да се биде икона? Дали луѓето го гледаа Валентино како моден гениј, а не личноста Валентино?

Тоа е многу тешко прашање. Не знам. Секогаш со радост сум ги прифаќал сите имиња што ми ги давале: Кралот, императорот, иконата. Јас сум Валентино. Живеам во свој свет. Животот не ми се смени, секогаш бил ист. Сè уште сум истиот од пред многу, многу години, истата личност. Сакам да создавам облека, сакам убави нешта, убави куќи, уживам да забавувам. Ако сакаат да ме викаат икона, ако, тогаш сум икона. Што да ви кажам?

18 август 2017 - 13:02