Ја знаете ли приказната за најважната француска Мадам?

Мадам Клод, односно Фернанд Груде со децении владеела како кралица на борделите, го измислила терминот call girl воспоставувајќи телефонско закажување во нејзиниот харем полн двојнички на Катрин Денев, тренирани да бидат динамит и во кревет и при конверзација. Денес го испитуваме нејзиното наследство.

Мадам Клод го завела светот со нејзината трудољубиво обработена персона; таму каде што давала интервјуа, ги давала со опасна остроумност. Кога ја прашувале како влегла во борделскиот бизнис, рекла дека знаела дека мора да заработи од „она што луѓето најмногу го сакаат“, што според неа било: 1. Храна; 2. Секс.

„А не ме биваше за готвење.“

И така.

„Се работи за жена што отсекогаш сакала да биде повеќе од тоа каде и како е родена, вели еден француски новинар што ја познавал Мадам Клод (почината во 2015) во подкаст од 2018. „Таа како да го измисли тој живот надвор од реалноста.“

Се преселила во Париз со мајка ѝ по смртта на татко ѝ, сонувајќи да отвори луксузен бутик. Наместо тоа, почнала да работи како „девојка на повик“ за да спои крај со крај и открила дека има многу простор за подобрување во тој бизнис. Се прекрстила во Клод - име на кое тешко му се одредува полот - и почнала да планира.

До 1950-те, веќе имала неколку фам фатали на обука, што работеле за нејзе, а бизнисот го водела од нејзиниот стан во улицата Марињан. Од таму и прибирала жени да се придружат на нејзината екипа придружнички, познати како „Клодети“ - манекенки, актерки и ит-девојки во подем што индустријата уште не ги хранела како што треба. Мадам Клод нудела не само пари, дискреција и заштита, туку и комплетен мејковер. Им обезбедувала најдобри лекари и пластични хирурзи, ги облекувала во најновото од Диор и Шанел и ги пикала под рака на дипломати во луксузни хотели како Риц и Жорж V.

Но, како што велела, ако го сакаш цел свет, мораш да го заработиш. Бизнисот цветал, па нејзиниот бордел се преселил во побогат кварт, веднаш над Ротшилд банката, чии богати посетители знаеле да направат трансакција долу, па да се качат да видат што има „ново“ кај Мадам Клод. Куќата е уште таму и веројатно крие некои од најбезобразните тајни на најмоќните фигури во светот.

Каква била совршената Клодет? Обично, биле на возраст од 18-25 и морало да прифатат сѐ што Мадам Клод ќе посакала да смени на нив - макар и да треба пластична операција (иако не охрабрувала зголемување на гради затоа што го сметала тоа за евтино). Морале да бидат високи најмалку 175 цм, и да внимаваат на секој детаљ од животот, од нијансата на карминот, до средувањето на ташните, кои Мадам Клод лично им ги проверувала. Да влезеш во рингот било прочуено тешко, до толку што, да станеш „клодет“ било на ниво на орден.

Освен физичкиот изглед, од нив барала да поминат тест на задоволство со мажи наречени essayeurs (пробувачи), за да им се проверат сексуалните вештини. Во исто време, им давала темелна едукација од областа на уметностите, политика и филозофија со приватни тутори, дури и ги праќала во странство за вистински да се култивира чувството за шетана млада жена каква што очекувала клиентелата - да биде еднакво јака во политичка дебата колку што е јака во кревет.

И како успевала Мадам Клод да го работи ова уште две децении? На некој начин - дури и лесно. Била во право во однос на тоа што сакаат луѓето - иако не обезбедувала само секс. Клодет-ите биле културни, прекрасни придружнички. Често завршувале во брак со клиентите. Наводно, толку биле талентирани во охрабрување и бустање морал што се смета дека и ЦИА ги користела. Над сето тоа, Мадам Клод извадила и договор за шпионажа со француската влада: можела да го продолжи бизнисот, ако се согласела да сподели што откривале клиентите меѓу перниците пред своите Клодет-и.

Листата на клиенти е полна битни личности - Шахот на Иран, Кралот Фарук на Египет, првиот непријател број 1 на Франција, Пјер Лутрел. Аристотел Оназис и Марија Калас наводно заедно се појавувале со некакви луди барања, а Џон Кенеди тропнал на врата со желба за жена „што личела на Џеки“.

До ’70-те, имала вработено стотици девојки, стигнала до шестцифрена заработувачка и почнала дури и да одбива жени кога доаѓале да бараат работа. Во однос на личниот живот, Мадам Клод не се замарала многу со мажи - се вели дека била апатична кон сексот, но воодушевена од бизнисот. Години подоцна, нејзините пријатели рекле дека живеела за нејзиниот проект, да претвора жени во „лебеди“.

Сепак, далеку од тоа дека била родена во луксуз. Во еден од нејзините мемоари, вели дека доаѓа од буржујска класа, иако според некои документи, татко ѝ поседувал кафуле и продавал сендвичи на железничка станица (кажува и дека татко и умрел во конфликт при Окупацијата, а всушност починал од рак). Внуката на Шарл де Гол, според неа, исто така била поштедена од концентрационен логор благодарение на неа - што е уште една лага, иако таа самата таа избегала од Аушвиц и имала тетоважа како доказ. Со други зборови, многу кажувала, а било 1% вистина, филувано со многу фантазија.

До средината на ’70-те промените во претходно попустливата влада довеле до растурање на нејзиниот бизнис; не било нелегално да се биде проститутка во Франција (не е баш ни денес), но било противзаконски да земаш провизија од заработувачката на една проститутка. Мадам Клод морала да делува брзо, па се омажила за Швајцарец, земала нов пасош и избегала во Лос Анџелес. Таму се премажила (овој пат за документи) и одново се измислила себеси како Клод Толмачеф. Не зборувала англиски и се задоволувала со шопинг. Отворила пекара, па ресторан во Пацифик Палисејдс, пред пак да ѝ се врати на старата работа, регрутирајќи калифорниски Клодети. Пробала дури да ја убеди и Џоан Колинс да работи за нејзе, уверувајќи ја дека „маж ѝ никогаш нема да дознае“. Колинс културно одбила.

„Како банкар беше,“ пишува еден новинар во Венити Фер во 2018, за периодот кога ја запознал во Лос Анџелес. „Беше ситна, русокоса, совршено средена, во Шанел, со крајно повеќе вкус од накитените, исфенирани холивудски сопруги околу нас. Сите гледаа во неа. Се рашири муабет. Беше повозбудлива, поретка глетка од Феј Данавеј, Мајкл Кејн или Џек Николсон.“

Забавата морала да заврши кога од имиграционо ја вратиле во Франција и да се соочи со законот:

Прошло време, ама никако не можела да се откаже од бизнисот, па се вратила на старо, до ’91, кога повторно морала да се врати во затвор на шест месеци, додека чекала пресуда за повеќе години затворска казна. До тоа не дошло, благодарение на пријатели во Елисејската палата. Од тогаш, па до крај, се договорила со издавач за книга, па се пензионирала во јужна Франција каде умрела во дом за стари каде живеела со нејзините мачки. Имала една ќерка - што дури и живеела во истиот град, но никогаш не биле блиски.

И покрај нејзиниот строг дух, ниедна од нејзините девојки не кажала лош збор, ниту поднела жалба против неа (дури и кога ја суделе) - но мотивацијата за овој недостаток на критика можеби се должи и на заплашување. Сепак, дури и обвинителите кажувале дека била исклучително лојална кон клиентите и вработените и во ниеден момент не ги уценувала и не ги кажувала нивните имиња.

„Избришав сѐ што беше грдо во оваа професија,“ има кажано во едно интервју од 1993, „тоа не може да се заборави. Сѐ што беше грдо - не шокантно, туку грдо, пробав да отстранам.“

Има и филм:

извор

18 март 2021 - 17:08