Ја викаат „Индиската Фрида Кало“

...А не е фер, затоа што е скроз своја. На креативната вибрација на Фрида Кало, Индија одговара со Амрита Шер-Гил, која им го носи модернизмот во уметноста, а споредбите доаѓаат не толку заради сензибилитетот (и веѓите), туку заради тоа сестринство на самоослободување кое сите жени-уметници би требало да го следат.

„Европа им припаѓа на Пикасо, Матис, Брак… Индија ми припаѓа само мене.“
-Амрита Шер-Гил

Родена е и израсната малку во Будимпешта, малку во Шимла, Индија - значи со едната нога во австро-унгарската империја, а со другата во тогашна Британска Индија, а денешен Пакистан. Семејството и е од високата класа, мајка ѝ била оперска пејачка (па уште се викала и Мари Антоанет), а татко и, Умрао Синг, го запознала кога била на одмор со нејзината другарка, принцезата Бамба Сатерленд во Индија. Таткото на Амрита бил Сик Пунџаб аристократ, па таа и сестра ѝ пораснале во интелектуален и мултилингвален дом, разменувајќи идеи на англиски и француски во еден момент, па на маџарски во друг.

Веројатно така и добила самодоверба да се прогласи за атеист во манастирот што ѝ бил школо и да предизвика да ја избркаат од таму на деветгодишна возраст.

Семејството на Амрита обожавало уметност, покрај врската на мајка и со музиката и импресивниот талент на татко и за фотографија. Веројатно затоа и бил најблизок со опасната, мала Амрита - и двајцата имале страст за визуелна експресија. Што за нас, како остаток на светот, значи дека имаме среќа, затоа што нејзиниот лик, индивидуалност и сарторијален безобразен став се забележувани на фотографии уште од нејзина најмала возраст.

 

Една од најголемите разлики меѓу Фрида и Амрита, сепак, е дека Амрита расте во многу богат свет. Семејството на Фрида не било за грев, но сепак се мачеле со медицински трошоци за нејзините операции и морале да се гњават за да врзат крај со крај. Амрита, од друга страна, доаѓа од богато семејство, со пристап до најдобри тутори и најнови технологии, а материјалните придобивки од британскиот колонијализам обезбедувале во изобилство за горните ешалони на општеството.

И покрај овие разлики, и двете жени се приклонети кон комунистички и социјалистички идеали и често се обидувале да ги претстават локалните занаетчии и обични работници во нивното уметничко наследство.

Амрита ја викале „комунист во британска облека“. Имала кратка врска со новинарот и долгогодишен симпатизер на комунизмот Томас Малколм Мугериџ, кој подоцна изјавува дека таа е „најдоброто нешто што му се случило“.

Јасно било дека Амрита, која веќе почнала да ја скицира послугата по дома, ќе има иднина во уметноста. Затоа и се преселила во Париз. Таму учела во престижни школи, каде што сликале Пикасо, Мане и Сезан - неверојатно забавни места не само да растеш како уметник, туку и како креативна млада жена. А не бил само Париз во прашање - туку ’20-тите години во Париз.

Почнала да експериментира - со боја, со техника - и со љубов. Една од љубовниците наводно ѝ била Мари Луиз Шасани, колешка од академијата - се зборувало дека многу од нејзините романтични партнери ги има на нејзини портрети, а Мари Луиз имала три.

Во однос на стилот, се забележува Сезан во нејзиното скандалозно, лебдечко овошје кај мртвата природа. Па, има бои и композициски влијанија од Пикасо, Брак и над сите, Гоген во нејзините портрети и сцени од јавниот живот.

Нема ништо од надреализмот на Фрида, но често има потемни подтонови во нејзините дела. Не дека алудира на нешто мрачно, но се добива чувство како нешто да се крие зад некоја замислена завеса - како да гледаме зад кулисите на Париз.

Нејзината слика „Девојчиња“ во 1932 добива златен медал и место во Гранд салонот на Париз во 1933. Ова е импресивно за кој и да е на нејзина возраст, но особено е неверојатно кога ќе се земе предвид нејзиниот пол и етничка позадина. Амрита била главна во град и нејзините автопортрети ѝ стануваат заштитен знак.

Еден од професорите ѝ предложил да се пресели во Индија за да биде повеќе „во својот елемент“ и да ги слика предметите и културата на кои толку им се восхитува. Можеби звучи како ксенофобична саботажа маскирана зад професионален совет, но на Амрита и се чинело дека професорот имал интересна замисла. Во 1934 се преселила во Шимла и одлучила дека ѝ е должност да ги претстави секојдневните ликови што си вршат секојдневни обврски. Ова доведува до создавањето на „Јужноиндиски селани одат на пазар“ и „Жени од ридот“. До ден денес, во делата на Амрита се гледа нешто што ретко може да се види на друго место: Индијки, насликани од Индијка.

Станала толку популарна во Индија, што се рашириле гласини за романтична врска со човекот кој потоа ќе стане првиот премиер на Индија, Џавахарлал Нехру. Бидејќи била глас на работничката класа и покрај буржоаското воспитување, Нехру бил фасциниран од нејзе.

За жал, нејзиното семејство ја запалило целата кореспонденција со Нехру, бидејќи била мажена за нејзиниот прв братучед од Унгарија, Д-р Виктор Еган. Немало ниеден портрет од Нехру - кажувала дека бил „презгоден за да го слика“.

Амрита и Виктор решиле да се преселат во уметничкиот град Лахор, во денешен Пакистан, каде што живееле во голема куќа, со ателје за Амрита на најгорниот спрат, каде што се подготвувала за изложба во градот. Но, се случило нешто незамисливо - се разболела, и тоа толку многу, што паднала во кома. Неколку дена подоцна, на само 28-годишна возраст, починала, во декември, 1941.

До ден денес смртта на Амрита е завиткана во мистерија. Некои историчари сметаат дека е можно да умрела од неуспешен абортус или туберкулоза. Други се сомневаат на нешто позлокобно, затоа што Амрита продолжила со своите афери до смртта. Мајка ѝ на пример, била уверена дека љубоморниот Виктор - кој како доктор имал пристап до секакви штетни супстанци - ја убил Амрита.

Амрита зад себе остава 200 слики, а многу од нив изложени во Современата уметничка галерија во Њу Делхи. Последната ја има направено од балконот во Лахор:

„Виде млекар со бафала и ја направи последната недовршена слика,“ пишува биографот Јашодара Далмиа во книгата „Амрита Шер-Гил: Живот“. „Сликата е обична и го одзема здивот. Совршено, а сепак трагично љубовно писмо до земјата што ја сакала.“

3 февруари 2020 - 13:53