Според психотерапевтката Грејс Лаутман, луѓето се строги кон себе како резултат на гласови што ги интернализирале уште од детство - некои критички, некои претпазливи, а неретко и појавени за да нѐ заштитат. Но, како што растеме, нашиот внатрешен дијалог има огромно влијание врз тоа како се доживуваме себеси, како се поврзуваме со другите, па дури и колку сме мотивирани.
Зошто зборувањето со себе е добро?
Ја гради самодовербата
Кога зборуваш на глас, испраќаш сигнал до мозокот дека ти си главниот лик во сопствениот живот. Со тоа како родител му се поставуваш на делот од себе што можеби не научил како да гради стабилна вредност. Самодовербата не доаѓа само од успеси, туку и од начинот на кој зборуваш со себе кога не ти оди.
Помага во емоционална регулација
Кога нешто ќе тргне наопаку, нашиот внатрешен критичар често е првиот што се активира. Но ако, наместо да се казнуваш, си признаеш дека е во ред да се чувствуваш „така“, го смируваш нервниот систем, се приземјуваш и да внесуваш разбирање наместо паника.
Го подобрува односот со другите
Кога се однесуваме пољубезно со себе, стануваме поспокојни и со другите. Зборувањето на глас ни помага да разбереме што точно ни се случува внатре, па наместо да проектираме или обвинуваме, можеме појасно да комуницираме. Со тек на време, ова води до подлабоки и поздрави врски.
Додава хумор во секојдневието
Кога зборуваме со себе, си даваме дозвола и да се насмееме на и со себе. Хуморот е одличен начин да се справиме со стрес, да ја смениме перспективата и да не ги сфаќаме сите мисли премногу сериозно. Не секоја мисла заслужува анализа.
Отвора простор за љубопитност
Со возраста, честопати ја губиме љубопитноста. Но кога зборуваш со себе, повторно поставуваш прашања: Зошто се чувствувам вака? Што провоцираше оваа реакција? Како сум се справувал/а со слични ситуации порано? Овој процес носи поголема самосвест - без срам и без избегнување.
Ако дури сега ви се почнува, психолозите имаат совети: Не е задолжително да почнете одма со мотивациски или позитивни пораки - доволно е искреност. Опиши како се чувствуваш. Прашај се зошто. Зборувај како што би зборувал со близок пријател. Ако не ти се допаѓа некој пристап - батали го. Прави како што ти одговара.
Дури и само изговарањето на мислите на глас може да помогне. Тоа го прави внатрешниот дијалог посвесен и насочен. Ако забележиш дека некои мисли често ти се вртат во глава, можеш да ги запишеш и да ги користиш како подлога за разговор со себе.
Сето ова е важно затоа што (досега требаше да научиме, ама никогаш не е доцна дека) односот што го имаме со себе е можеби и најважен однос во животот. И ако е исполнет со хумор и разбирање, тогаш се прават сигурни чекори кон посреќен и посмирен живот.