Тоа што се преправаат дека бесплатно ги добиле патиките како соработка може и да е причината зошто некои луѓе никако да станат инфлуенсери.
Да станеш успешен инфлуенсер не е така лош начин да собереш неброено богатство. Според едно истражување во Велика Британија, доволно е да имаш само 42.575 следачи за да зараборуваш просечна британска плата преку спонзорирани зделки и од реклами, а самата индустрија на инфлуенсерски маркетинг веќе вреди 15 милијарди долари. Лил Микела, „виртуелна инфлуенсерка“ се проценува дека заработува над 10 милиони долари годишно, а не ни постои.
Проблемот е што не е така лесно да станеш успешен инфлуенсер. Едвај е доволно да бидеш смешен, згоден или да се пронаоѓаат во твоите објави; ако сакаш да станеш огромен, ти треба многу среќа, појавување на реалити телевизија или некоја друга тезга. И за некои, може да значи и помагање со индустријата за лажно богатство.
На Јутјуб има тренд во кој влогерите се фотошопираат на песочни плажи, или на пазарење за да ги измамат гледачите дека се богати и вредни за следење. Истиот мисловен процес важи и за Инстаграм: луѓето следат богати инфлуенсери и славни личности за дневна доза серотонин и аспиративни содржини. Дури и да не си богат, ако можеш барем да проектираш такво богатство - има да те следат.
А ако не те бива за Фотошоп, има чаре.
Да се потсетиме дека во Лос Анџелес има студио што е направено да личи на приватен авион и за 64 долари на час, инфлуенсерите одат и се преправаат дека изнајмиле приватен авион, со коментари од типот „фаќам лет, не чувства“ и слични слаткасти глупостички, за да се пофалат дека, за разлика од тебе, тие можат да си дозволат.
Во Кина има и поевтина опција - за само 6 јуани (околу евро) може да ти измонтираат снимка од твојот глас на сток-видеа од скапи коли, тропски погледи и купишта пари, за ти да си ги објавуваш на стори.
Во Европа и Велика Британија се вртат кон трета варијанта: Купуваат празни пакувања, кутии и кеси од луксузни брендови. Ако пребараш empty box или empty bag онлајн, често се наоѓаат за купување.
Во интервју за Инпут Маг, анонимен препродавач на брендирани парчиња со главно инфлуенсерска клиентела, открива дека во последно време има сè поголема побарувачка за празни кутии од брендови - главно Ермес, Пандора и Тифани.
„Прво мислев дека ги бараат за да ги користат за чување ствари, или да ги рециклираат за подарок,“ вели таа. „Не знаев дека ги користат за сликање на Инстаграм.“
Некои продавачи имаат цели секции посветени на ова на Депоп (сајт за препродажба на луксуз). Пакувањата се главно Шанел, Тифани, Пандора или Селфриџис, или дури и вреќички за чување од прашина на Гучи, Луи Витон или Диор. За 40 евра можеш да купиш кутија за шапка од Гучи, за 25 кутија за чевли од Диор, или четири Ермес ленти за 15 евра. Кутија за Лобутан чевли вреди дури 60 долари (ама понекогаш може да ја добиеш и оригиналната сметка, за да се исплати).
Дури ни ова не значи дека добиваш билет во еден правец кон успешно инфлуенсерство - според Скот Гутри, независен консултант за инфлуенсер-маркетинг, обично се забележува дека нешто „не е во ред“ со сликата. Или не одговара додатокот со облеката, или има премногу сигнали за богатство на видик. Според него, не само што е преочигледно кога мавтаат со „лажно богатство“, туку може и да се наштети на идентитетот на некои луксузни брендови.
„Креаторите што се преправаат дека се амбасадори на брендот може да го оштетат тој бренд наместо да го промовираат,“ вели Гутри.
Наместо ова, предлага автентичност, со која вели дека полесно можеш да се катапултираш во инфлуенсер кој соработува баш со тој бренд.
На крај, секако е поевтино да се преправаш дека си богат, наместо навистина да изнајмиш приватен авион, или да го купиш скапиот накит - но тоа не значи дека треба да се прави тоа. Вистината е дека кога го тагнуваат Гучи на стори, не само што следачите ги јаде туѓ срам, туку е поголема веројатноста да си затворат врати на брендовите и зделките на кои се надеваат.