Инфлуенсерската економија е следна за штрајк

Во последниве месеци, сценаристите и актерите во Холивуд докажаа дека можат да се фатат во битка со големите компании и да издејствуваат подобри услови за себе и за работата. Следни на список - креаторите на социјалните мрежи - Јутјубери, Тиктокери, влогери и лајв-стримери. Како би изгледало тоа?

Десетина години нас нè забавуваат социјалните мрежи. За разлика од нивните колеги во Холивуд, овие креатори се мачат да бидат сериозно сфатени како дел од забавната индустрија и како вредни за основни работнички права и заштити. Платформите им се каприциозни или незаинтересирани, па се појавуваат иницијативи за колективна организација.

Проценките се дека креаторската, инфлуенсерска економија до 2027 ќе се дуплира и дека вредноста од 250 милијарди долари ќе ѝ се качи на 500 милијарди. Најјаките 50 креатори заедно имаат 2,6 милијарди следачи и имаат заработено 700 милиони долари - меѓу нив и Мистер Бист и Бејли Саријан кои сепак се исклучоци, не и правило во инфлуенсерскиот свет. Само 4% заработуваат над 100.000 долари годишно, но сепак има и креатори чии кариери се базираат на скромен број следачи.

Токму последниве се најранливи на промените на политиките и алгоритмите на платформите - една платформа може да понуди бизнис можности, но истовремено и да ги смени политиките на функционирање. Така Твич направи некои стримери кои задржуваа 70% од заработката, одеднаш да задржуваат 50%.

Од август годинава постои Здружение на креатори на Америка, како замена за Здружението на креатори на интернет (што се затвори во 2019). Парадоксот е дека новово се опишува како организација за професионални услуги, наместо синдикат, а сепак тврди дека нуди бенефиции слични на синдикатите. Постои и Дискорд група од ТикТок креатори каде што се дискутира синдикализирање, има и на Твич. На тие од Твич веќе изгледа им се исплати: Во јуни годинава, компанијата капитулираше откако главните стримери се заканија дека ќе си одат.

Сепак, ниедна од овие иницијативи го нема правниот статус на Writers Guild of America. И покрај напорите, технолошките гиганти одбиваат да ги препознаат инфлуенсерските организации. Кога се создаде сојуз на Јутјубери во Германија, Јутјуб одби да преговара со нив. И повеќето влади не даваат поддршка, ниту ги препознаваат правата на креаторите на содржини. Во Америка „едвај постојат“ во официјални документи, а само една комисија има воведено регулирање поврзано со нивната работа, околу рекламирање и спонозрирани содржини.

Успехот на холивудскиот штрајк може да е само почеток на поголемо глобално движење за правата на инфлуенсерите. Но, за да може оваа нова класа на работници да влезе да ги остави комплетните економски и човекови права сепак може, како во Ајкула, „да ни треба поголем брод“, поточно - многу поголем напор, организација и упорност.

6 декември 2023 - 10:52