Индекс на кармин: Дали жените навистина купуваат повеќе кармини во време на криза?

Во 2001 година, кога американската економија почна да забавува - после пукањето на дотком балонот и нападите на кулите-близначки, директорот на козметичкиот гигант „Есте Лаудер“, Леонард Лаудер, забележува необичен тренд.

Продажбата на кармини растела, што го натерало да ја склопи следната теорија: соочени со несигурност и финансиски стрес, жените купуваат мали луксузи што им се полесно достапни. Така се раѓа терминот „индекс на кармин“ - продажбата на кармини како можен показател за економската состојба. 

Звучи логично. Кога некој не може да си дозволи нов автомобил, скапа чанта или одмор, можеби ќе избере нешто многу поевтино што сепак носи чувство на задоволство, промена и контрола. Еден кармин чини многу помалку од дизајнерски фустан, но може да создаде сличен психолошки ефект: момент на грижа за себе и поинаква енергија во момент кога сѐ е некако неизвесно.

Сепак, дали е навистина научно докажано?

Одговорот е посложен. Иако „кармин-индексот“ стана популарна идеја во маркетингот и медиумите, економистите досега не успеале убедливо да покажат дека продажбата на кармини секогаш расте за време на рецесии. Понекогаш се случува токму спротивното. Во големите економски кризи, луѓето често ги намалуваат и малите непотребни трошоци.

На пример, за време на глобалната финансиска криза во 2008 година, продажбата на луксузна козметика не доживеа едноставен раст. Многу потрошувачи се префрлија кон поевтини брендови, а некои целосно се откажаа од одредени производи. За време на пандемијата на КОВИД-19, пак, продажбата на кармини значително опадна бидејќи луѓето поминуваа повеќе време дома и носеа маски. Наместо кармини, порасна интересот за производи за нега на кожа и тоа се викаше „skin care boom“.

Сепак, идејата зад кармин-индексот е толку привлечна и шик што никако да исчезне и веројатно не е само до карминот, туку до феноменот: луѓето во тешки времиња бараат мали начини да си го подобрат расположението и да задржат чувство на нормалност. Психолозите ова го нарекуваат „ефект на мало задоволство“. Кога големите цели изгледаат недостижни - купување дом, патување или финансиска сигурност - малите ритуали стануваат поважни, па така квалитетна крема за лице, нов лак за нокти, кафе во кафич или парче облека (на попуст) што ни го подобрува расположението - сето ова станува начин да си го вратиме чувството на контрола.

Затоа и карминот историски важи за симбол на моќ, бунт и идентитет.  Во раниот 20 век, жените што се бореле за право на глас носеле црвен кармин како знак на независност.  Во Холивуд, црвените усни станаа симбол на гламур и самодоверба.

И добро, можеби економистите не успеале да докажат дека кармин повеќе се троши во услови на криза. Ама нема потреба посебно да се докажуваме околу тоа како на луѓето и во најтешки времиња никогаш не им е само до преживување - си бараме и мали моменти каде што повторно си заличуваме на себе.

4 август 2026 - 11:57