Сте чуле за верните сопруги од Вајнсберг?

Ова е приказна за жени што ги спасиле сите свои мажи со буквално толкување на наредба.

Не можеме да се кладиме дека е точен историски податок, ама секако е многу позната и чудна средновековна германска легенда.

Во 1140, за време на конфликт меѓу Велфите и хоенштауфенскиот крал Конрад III, вторава страна направила опсада околу градот и тврдината Вајнсберг во она што е денес Баден-Виртемберг. Конрад победил и решил да им дозволи на жените да ја напуштат тврдината и со себе да земат, пазете, сè што можат да носат на грб.

Жените, според легендата, го сфатиле ова сосема буквално.

Наместо накит, облека, храна или други вредни предмети, секоја жена го ставила својот сопруг на грб и го изнела од тврдината.

Според средновековниот запис, луѓето на Конрад протестирале, тврдејќи дека очигледно не било тоа што кралот го имал предвид. Но Конрад наводно одговорил дека кралот мора да го одржи својот збор, па им дозволил на жените да си заминат со своите сопрузи.

Оттаму и потекнува името под кое урнатините на тврдината се познати денес: Burg Weibertreu, што приближно значи „Тврдина на женската верност“.

Интересното е што не можеме ни да го сврстиме ова во Грим-бајка - постојат писмени потврди и хроники од XII век, што значи дека е запишана многу блиску до самиот настан.

Сепак, подоцна се доведува буквалната вистинитост во прашање - во локалната историска традиција се забележува дека некои од подеталните верзии се појавиле значително подоцна, а приказната има и паралели во други европски народни преданија. Браќата Грим ја вклучиле во својата збирка Германски легенди во 1818 година и самите забележале дека слични приказни се раскажувале и за други места.

20 август 2026 - 00:00