И тоа им текна: Талибанците забранија книги напишани од жени

Не се тоа некои „50 нијанси сиво“, таман работа. Не, меѓу нив има и наслови како „Безбедност во хемиска лабораторија“.

Талибанската влада во Авганистан на тамошните универзитети им забрани да користат книги чии автори се жени, како дел од новиот закон кој исто така забранува и учење за човекови права и спомнување сексуално злоставување.

Зиаур Рахман Арјуби, заменик-академски директор на Министерството за високо образование на талибанската влада, во писмо до универзитетите рече дека одлуките ги донел „панел на верски ученици и експерти“.

Околу 140 книги напишани од жени - вклучувајќи и наслови како „Безбедност во хемиска лабораторија“ - се најдоа меѓу 680-те книги што талибанските експерти за литература ги сметаат за проблематични поради неусогласеност со шеријатскиот закон кој во Авганистан е на сила од пред 4 години.

Со цел да се спречи неморалност, оптичкиот интернет е забранет во најмалку десет покраини, а уште од претходно на женските деца им е забрането школување после шесто одделение. Вкупно 18 предмети, главно општествени се забранети во школи и универзитети.

Поранешната министерка која беше на позиција пред да преземат талибанците - Закија Адели не е ни изненадена од новиот развој на настаните.

„Со оглед на тоа што направија во последните четири години, не беше нереално да се очекува дека ќе наметнат промени во наставниот план и програма,“ вели таа. „Со оглед на мизогиниот начин на размислување и политиката на талибанците, сосема е прородно кога на самите жени не им се дозволува ни студирање, нивните ставови, идеи и написи да се поттиснат.“

Претставниците на авганистанската влада пак инсистираат дека „почитуваат женски права“, ама само „во согласност со верските обичаи и законот“.

24 септември 2025 - 10:31