И со родителството се претера

Го знаете вицот со Мујо и групниот секс? Сирот Мујо отишол на групњак, поминуваат пар саати, па го прашува организаторот кога конечно ќе дојде на ред за секс, затоа што веќе трета рунда пуши. Е, така некако и јас се чувствувам кога ќе прочитам седумсто дваесет и осми совет како да бидам уште подобар родител, а ниеден како мене да ми биде добро, додека ги спроведувам тие совети на дело.

Мислам дека знам како да ми биде добро. Никако.

Начинот на кој денес воспитуваме деца можам да го опишам само како overparenting. Не е доволно да направиме што е најдобро за нив, а е во наша моќ. Не. Ние ќе направиме и што не е во наша моќ, што расположивите ресурси не ни го дозволуваат и ќе се доведеме до тоа да бидеме робови на сопствениот живот. Нема сега да наведувам примери затоа што вие што ова го правите добро знаете за што зборувам. Ние стварно не сме нормални. Додека бевме деца им бевме слуги на нашите родители, сега сме слуги на нашите деца. Баш како Мујо - секогаш ние пушиме.

Пред некој ден сретнав познаничка на улица. Жива среќна што син ѝ поминал скроз одличен во одлична гимназија и сега се запишува на одличен факултет. Таа, се разбира, воодушевена. Јас си викам, кутар ти, ни ден, ни ноќ немаш видено од книги, а нема ни да видиш. Ама ете, мама горда, црцори, „успешниот во школо еве го.“ Скроз ја разбирам, немам ништо против тоа црцорење, ама која е нејзината вистинска вредност за тоа, кога знаеме која цена е платена за тој успех? А ја платиле и мајката и детето.

Да се разбереме. Јас мислам дека очајно нè воспитуваа. Не да мислам, туку знам, според тоа колкава навала има кај психијатри. Пробуваме да се исцелиме од детство во кое никој никогаш не нè прашал за ништо и научивме да ги поттиснуваме своите желби и потреби до толку што веќе не знаеме ни кои сме, ни како да се слушнеме. Само се будиме еден ден, некаде во кризата на средните години и сфаќаме дека животот што го живееме воопшто не е тоа што сме го сакале.

И сега ние, такви, наместо да кажеме фак дис шит, не давам уште и родените деца да ме малтретираат, ние повторно, сега како возрасни, дозволуваме да живееме живот во кој нашите потреби се повторно на второ место, овој пат поради некоја повисока цел, а тоа е растење деца. Дека не сакаме да ги повториме грешките на нашите родители. Благородна цел, ама кој пати за неа? Пак ние. Здраво, Мујо.

Речиси секој родител што го знам (вклучувајќи ме и мене) го гледа своето дете како посебно, паметно и некој што во животот ќе постигне некаков успех. Но, луѓе, бројот на навистина „посебни“ деца засекогаш ќе биде помалку од 5%, затоа што во морето од деца кои се денес навистина сите паметни и посебни (хинт: не се попаметни од нас, само имаат пристап до информации), нашите деца ќе мораат да бидат едно десет пати попаметни и попосебни од ние што бевме, за да се истакнат во својата околина. Критериумот е качен многу високо.

А што ако се случи вашето дете да стане - боже, боже - просечно? Откако сте поминале 15 години развозувајќи го по 28 активности, читајќи лектири со него, без да имате било каков живот освен тоа. Тоа да ви порасне и да живее некој тотално обичен живот со стандардни проблеми, живот во кој нема ни клавир, ни тенис, ни глума, живот со кој не можете никому да се пофалите, па ни себе? Како ќе се носите со тоа? Како сите ќе се носиме со тоа?

Да не се лажеме, не лае песот за селото, туку за себе, па така и јас размислувам за некои свои животни избори и си мислам каде е таа линија на „доволно добро“. Може сум си ја поставила превисоко. Како за беља, моите сопствени деца секако имаат некој свој пат кој ме тера да преиспитувам сè што сум мислела дека е исправно и да сфатам дека може треба да ја пуштам контролата и животот да си го направи своето, Па, што сака нека биде (умирам од страв додека го пишувам ова, јасно ви е).

Баба ми велеше „додека бев млада заповедаа старите, сега кога сум стара заповедаат младите, јас никако да дојдам на ред“. Ако таа имала такво чувство, кај мене седум пати појако. Уморна сум. Стандардите се недостижни. Не може да се гледаат деца и да се има кариера во исто време. Не. Мо. Же. Тоа се две работи, а денот е еден. Мислам може, ама се надевам дека имате маж, дадилка, баба-сервис и само едно дете. И поздравете се со вашите автоимуни и хронични болести, а немојте ни премногу да штедите за пензија - нема долго да ви треба.

Може треба сите заедно малку да се опуштиме. Децата не мораат да бидат облечени во беж за да одговараат со каучот. Смеат да јадат храна што не е органска. Не мораат да одат на 5 воншколски активности. Не мораат да имаат само петки во школо кое е тотално неускладено со сегашноста. Ќе си го најдат својот пат и ќе биде таков каков што ќе биде. Сосема добри родители сме, повеќето од нас. Не примам веќе совети како да бидам уште подобар родител. Примам само совети од кој материјал да си излијам споменик кога конечно успешно ќе ги доведам до полнолетство.

Да ги зачуваме и тие малку нерви што ги имаме и да се сетиме дека ова е единствено време кое всушност можеме да го живееме по сопствени правила. Буквално единствено. Кога здравјето посериозно ќе престане да нè служи, а се плашам дека се ближи тој ден, кога ќе станеме престари за било каква работа, пак ќе мораме да се прилагодуваме на некого или на нешто и навистина никогаш нема да живееме по сопствени правила. И покрај сите тие информации што ги имаме, ние пак, ко и сиротиот Мујо, пушиме. Па, јас мислам дека е доста.

Како тоа ќе го изведам немам поим, ама ќе смислиме нешто јас и мојот терапевт. А на сите што размислуваат како мене, им ја посакувам сета среќа. Можеме ние.

Дисклејмер: Авторката самостојно расте две деца, работи две работи и се грижи за две мачки. Океј, им служи на две мачки. Склона е на overthinking, а не ѝ е туѓо ни overachievement. Како таква, разбира дека некои родители имаат поинакви искуства (поздрав до татковците и Ким Кардашијан). Ако сакате да напишете како успешно хендлате деца и работа, а немате помош, ве молам како доказ да ми приложите здравствен картон без ниедна болест и прегорување. Останатите коментари нема да се уважат. Фала.

-Ана Пецотиќ

21 јуни 2023 - 11:36