И на БАФТА ќе се носи црно

Глумиците повторно ќе протестираат во црни фустани на доделувањето на наградите на Британската академија за филм и телевизија, како што тоа го направија нивните колешки во Холивуд. Има ли поента? Ќе видиме.

Меѓу филмските работници се рашири писмо, „од име на колективот на британските женски лидери на филмската и телевизиската индустрија”, во кое се замолуваат сите што ќе присуствуваат на настанот „да ги следат нашите сестри кои присуствуваа на Златните глобуси,” со тоа што ќе носат црно и таму.

„Носењето црно е силна, унифицирачка и едноставна изјава - физичко и визуелно претставување на нашата солидарност со луѓе од сите индустрии кои искусиле сексуално вознемирување и злоупотреба, или биле уназадени поради нееднаква моќ,” пишува во писмото.

Писмово докажува дека движењето Time’s Up се шири многу брзо, само што, што правиме со оној коментар за „погреб на црвениот тепих”?

Шпекулациите беа дека со облекување во црно, Холивуд всушност ја означува сопствената пропаст, покажувајќи ја потребната почит кон мртвите: Џена Вортам од Њујорк Тајмс на пример, пред настанот се запраша дали сето тоа ќе личи на „масовен погреб, оплакување на смртта на нешто старо и распаднато што мора да умре.”

Холивуд можеби умира таков каков што сме го навикнале, и му доаѓа ново време, ама понавака, накај дома, работите не се толку експлозивни како таму. Британците, (што не беше изненадување) порадо се фатија за политичари и #MeToo, наместо за филмски работници и #MeToo (можеби нивните филмски работници едноставно се покултурни?), но со црнината во Холивуд ги врзува една друга работа: колку навистина беше голем чекорот со црните фустани? Дека привлече внимание - привлече, ама откако Коко Шанел го воведе малиот црн фустан во 1926-та, да носиш црно, особено на настан што бара вечерни тоалети - ама ич не е проблем. Како тогаш отскокнува овој гест на американските глумици, освен што привлече внимание затоа што беше униформа?

Реалноста е дека во ниеден момент немаа намера да изгледаат нешто посериозно или недајбоже полошо од обично. Да дојдеа сите во црни костуми, на пример, без разлика дали со деколте или ролка, тогаш можеби и ќе се оствареше до крај замислата дека „не е време за дотерување и бирање бои додека нашите сестри се мачат.” Наместо тоа, видовме неверојатни чипки, штрасови, шлицови, креации, накит, фризури и гламур. Што значи, глумиците никогаш немаа намера да ни го ускратат задоволството да се воодушевуваме на нивниот изглед. Што нè носи до уште едно, сосема легитимно прашање: зошто да па да не изгледаат одлично?

Стварно, зошто да не. Само, дали се коси со суштината на овој конкретен активизам? Веројатно искрено се зафатиле со него, само што е дискутабилно дали ја утнале работата.

А за британските глумици, ќе видиме. Ако ништо друго, црната униформа привлекува масовно внимание. А на новинарите ќе им биде срам да им постават евтини прашања.

2 февруари 2018 - 11:14