Во 18 минути, Изабел Кустодио од Be Kind Rewind објаснува каква напаст бил Харви Вајнстин кога ќе решел дека неговиот филм ќе добие Оскар. Напаст скоро како на оние снимки со недолжни девојки (и аудио и видео) што излегуваа од секаде откако го фатија дека е гаден.
И како што кажува, не е до толку еднострано - причината за собирањето Оскари со лопата не се сведува само на „Харви Вајнстин знае маркетинг”, си има и ситни фактори - од тоа кој е поприкладен за на ВХС, до кој подобро поминува кај публиката. Ама ако другите студија вложувале по 1 до 3 милиони во маркетинг - Вајнстин вложувал 5. Ако другите ги прикажувале филмовите на стандардни локации, Вајнстин ги ловел сите релевантни луѓе по одмори и им ги пуштал таму. И така натаму.
И се разбира, во комбинација влегува и таа морничава спремност сите да молчат за неговите неприкладни склоности (читај: манијаштво), само за да бидат дел од успешната приказна наречена „Мирамакс”.