Гучи школски прибор

Приказната за влезот на Гучи во „лајфстајл“ водите почнува со радоста што на креативниот директор Алесандро Микеле му се појавувала кога пазарел моливчиња, тетратки и пенкалца за во школо. Затоа сега креира цел свет што треба да го врати тоа чувство, со Гучи потпис.

Отворена е привремена продавница во Милано, „Гучи Картолериа“ со идеја посетителите да се чувствуваат како во пештерата на Аладин - ќе летаат тетратки, шаховски сетови сами ќе се играат, ќе има божем опседнати предмети, бескрајни полици за книги и микро-станчиња за глувци со Гучи мебел внатре. Со ова, Гучи ги означува почетоците како лајфстајл бренд, но со оглед на тоа што се работи за „чудесниот, шарен свет на Гучи“, нема ништо вообичаено - нека ви текне на спајалицата Прада, точакот Луи Витон, даската за сурфање на Шанел… Е, такви работи.

„Кога бев дете, влегувањето во продавница за школски прибор, со моливи, пенкала и тетратки… Ми беше како остварен сон во секојдневието,“ рече Алесандро Микеле. „Беа фини, добро изработени предмети што зборуваа за мајсторство и тоа, иако дел од секојдневниот живот, ми имаше еден вид магична, мистериозна и чудесна аура.“ Додава дека го замислил бутикот во Милано како мал кабинет на куриозитети, што би им дал бајковита димензија на најобични предмети. „Како трибјут што морав да го направам,“ додава. „Можев да ги ставам во колекции пред многу години, но не беа цврсто врзани со облека и додатоци. Затоа сакав да изградам весел простор каде што можат да бидат изложени, за во секојдневниот живот да го вратам тоа чувство што ми ги прави толку драги.“

Тетратките доаѓаат со печатено платно (монограми, флора и фауна, дури и Пајо Паторот), има и рачно изработени кутии за графитни моливи, пенкала, тегови за хартија со стаклени куполи, ладала со реси, кожни кутии за пенкала, актовки со сетови за дама и покер и сетови за патување со маски за спиење, папучи и перници. Сѐ доаѓа брендирано во Гучи и многу од материјалите се заштитениот Деметра текстил на Гучи, развиен од самите техничари и занаетчии на куќата, кои го креирале со истиот процес за обработка на сирови материјали од неживотинско потекло кои доаѓаат од обновливи, растителни извори.

Ако случајно се најдете во Милано, продавницата е на Виа Манцони 19 и ќе биде отворена додека трае Миланската модна недела до 17 септември. Остатокот од светот може сето ова да го види на сајтот и во одбрани Гучи бутици.

13 септември 2021 - 10:30