Мијуча Прада е иконокласт, човек што не се повлекува од предивици, а во нејзина режија, Прада го меша старото со новото, грдото со возвишеното и вулгарното со едноставното, за на крај да добиеме производ од оригинални и често неочекувани идеи. Ниедна колекција не личи на некоја друга и на секој моден ентузијаст му е очигледно дека секое внимателно осмислено парче облека доаѓа од еден голем ум. А иронијата на Прада-ренесансата под Мијуча почнува во 1985, кога избира неочекуван материјал за ташни. Можеше да биде едноставно, да тргне по патот на Луи Витон и да извади кожно, со многу логоа, но наместо тоа, Прада оди во сосема нечуен правец: избира материјал што е прво употреблив, па дури потоа модерен.
Поконе - најлон од воена класа кој дедото на Прада го користел за да покрива ковчези е клучот за успехот на Мијуча Прада. Тоа е последно нешто што на дизајнер би му паднало на памет за ташна, но сепак - функционира. Почнуваат со серија водоотпорни ранци, па се префрлаат на големи женски ташни, други ранци и уште многу други дизајни со триаголното препознатливо лого.
Во рок од неколку месеци, ташните и ранците од Поконе стануваат глобален феномен, собиран, носен и посакуван од модни познавачи ширум светот.
И не личат на ништо што дотогаш го имало на пазарот: минималистички, чисти и едноставни, ранците беа и атрактивни и функционални. „Вела“ ташните се раѓаат од нејзиниот презир кон ташните на луксузната конкуренција, кои ги сметала за премногу формални и традиционални. Главниот адут за продажба им е материјалот: индустриски најлон, најден во фабрики што го произведуваат лесниот, водоотпорен материјал за воени падобрани. Резултатот беше комплетна трансформација на она што значи производство на луксузни предмети - да ја создадеш најпосакуваната дизајнерска ташна со користење на можеби најнелуксузниот материјал.
Најлонските ташни станаа симбол на модерност - овозможија луксузот да стане нешто поинакво и далеку од површно. Луксузните парчиња веќе не беа само нафуран статусен симбол, туку современи ознаки за нов тип на стилско размислување.