Гласот на Лорен Бекол не бил отсекогаш така длабок

Освен што го сменила името во Бекол, а се родила како Бети Џоан Перски - морала да оди и на напорни часови за тренирање на гласот, за да ја развие таа длабока, згодна боја.

Се појавила на насловната на Харперс Базар во март 1943 и ја забележала сопругата на продуцентот и режисер Хауард Хокс. Инсистирала нејзиниот сопруг да ја покани Бекол да проба за најновиот филм To Have and Have Not, но секретарката на Хокс не разбрала дека се работи само за проба, па ѝ пратила билет за главната аудиција во Холивуд.

Кога ја видел Бекол, тогаш сѐ уште тинејџерка, Хокс веднаш ја прибрал со седумгодишен договор и почнал да ѝ ја менаџира кариерата. Сепак, сопругата, „Слим“ Кит, ја земала под свое на сите други полиња - стил, вкус и се разбира, начинот на кој што зборувала.

Тешко е да се поверува, но Бекол природно имала тенок, назален глас кој во тоа време бил „демоде“ за ѕвездите, особено актерките. На инсистирање на Слим и Хокс, актерката почнала да оди на тешки часови за модификација на глас, каде што од неа се барало да извикува стихови од Шекспир со часови, секој ден.

Во нејзините мемоари, By Myself, Бекол се сеќава како читала романи со подлабок глас за да го постигне совршениот звук.

„Тој (Хауард Хокс) сакаше да возам кон ридовите, да најдам некое тивко место и да читам на глас. Мислеше дека е најважно од сѐ е да се држи гласот подлабоко. Мојот веќе беше накај длабок, но она што нему не му се допаѓаше и ми објасни беше: Ќе забележиш, Бети, дека кога жена ќе се возбуди го крева гласот. А, нема ништо понеатрактивно од крештење. Сакам да си го истренираш гласот на таков начин, што дури и во емотивна сцена, гласот да ти остане длабок. Најдов едно место на Малхоланд Драјв и ја читав The Robe на глас, држејќи го гласот подлабок и погласен од обично. ако некој поминеше, ќе ме пратеше во лудница. Кој седи по планини во кола, да им чита на кањоните?“

Сепак, тренирањето успеало, па водечките критичари ѝ го опишувале гласот како „зачадено, сексуално ржење“ и „грлено предење“. Подоцна, именувана е и медицинската состојба Богарт-Бекол синдром (Богарт ѝ е прв сопруг), а погодени се луѓе што зборуваат подлабоко од нормално подолг период.

30 мај 2025 - 09:57