Галчестер - списание за жените со кои Манчестер треба да се гордее

Манчестер, големиот, мажествен дом на Иан Браун и браќата Галагер, како симбол на тој мачоизам и очекувања дека ти следува разбирање затоа што си маж, има(ше до сега) проблем вистински да ја испочитува сопствената богата женска историја.

Затоа, за 100-годишнината од женското право на глас, модната новинарка Беки Бургум го започнува Галчестер, списание што го слави разноликиот женски свет во градот. „Како дете се нервирав што не знаев какви работни места постојат,” изјавува таа за i-D. „Ако нешто сакам да постигнам, тогаш тоа е да им олеснам на другите девојки, да им покажам креативни можности и да им објаснам како стојат работите, за да можат да си донесат информирана одлука.”

Движењето на Суфражетките почна во Манчестер и од мајка ѝ која е шефица, до директорката на нејзиното школо, изгледа дека во животот на Беки никогаш не недостасувале примери за независност и сила. И кога почнала подлабоко да истражува во историјата на градот, открила дека долго мажите на еден прикриен начин го задушувале женскиот напредок. „Иронично е што Манчестер е како ‘клуб за машки’, а симболот на градот е пчела, за која многу луѓе не се свесни дека е женка.” Пчелите ѝ пркосат на природата со нивното летање (од аспект на аеродинамичност), и мене тоа ми изгледа како метафора за жените кои пркосат на машката конвенција.”

Решавајќи да ги земе работите во свои раце, Беки шетала по ходниците на нејзиното женско школо и по разни интернет-ќошиња за да култивира женска банда полна со таленти. „Да гледаш како жени поддржуваат жени е инспиративно и пријатно,” вели Беки.

Ако имате прилика да ѕирнете по страниците на првиот број (ние не можеме, ама можеме да видиме на Инстаграм), ќе видите илустрации од Шарлот Иди, фотографии од Хериет Џејмс Вид, текстови од пејачката Оливија Луис и принтови од Линдер Стерлинг (за која i-D е во право кога вика дека не може да се имитира). И сите овие жени имаат нешто заедничко: искрата потребна да се инспирира една помлада генерација жени во таков мачо град.

Изданието на Беки доаѓа кога е навистина многу потребно - креативната моќ на Манчестер е засенета од неговиот постар брат, Лондон. Сепак, тоа не ѝ пречи на Беки. „Женските приказни конечно ги слушаат во кампањи како Me too, и без разлика на фактот што феминизмот често се користи за да се продаваат производи, зборот „феминист” веќе не се смета за срамотен збор.

И на крај, коментарот е, „Можеби е Ман (маж)-честер, но не би бил ништо ако нема жена или Gal!”.

А Скопје никогаш не бил претерано мачо град, напротив. Сепак, симпатично е да се прават ментални списоци што би било кога би посветиле ние списание на Скопјанките, од памтивек, до сега.

20 април 2018 - 17:25