На Дизни им се уарни со live-action верзии на цртаните, со оглед на тоа колку многу пари се во прашање. И кога веќе се знае дека ќе има интерес, веројатно предизвикот лежи во бирање на екипа што ќе ја донесе новата верзија до совршенство до степен да се сведат на минимум коментарите од тип, „супер, ама нема шанси со оригиналот“ и „ако не е расипано, не го поправај.“

Точно е дека ниеден долгометражен цртан на Дизни не е расипан, ама уште поточно е дека не е за пропуштање филм каде што Духот најверојатно ќе го игра Вил Смит (ах бре, Робин Вилијамс...), а за Џафар на големо преговараат со Том Харди. Како ќе се вклопи тоа, со оглед на тоа што ликот на Џафар и во цртанот е опишан како „грд човек“, а ваму го имаш Том Харди - ќе видиме. Тешко на таа што ќе ја игра Џасмин.
А кога сме веќе кај тоа, Дизни се обидува да ја оправи работата таму каде што ја греши Холивуд.
После глупиот престап со Скарлет Јохансон како Major во Ghost in the Shell, а и муабетот за Леонардо Дикаприо како Руми, продуцентите се во потрага по глумци за Аладин и Џасмин кои освен што ќе можат да ги прикажат ликовите добро, ќе се совпаѓаат и во однос на потеклото. За Џасмин конкретно се размислува (или се трачари) околу Џејд Тирлвал, која има потекло од Египет и Јемен, но во секој случај, широките маси народ, кои вечно имаат мислење за тоа како Холивуд треба да работи, конечно задоволно нишаат со главите.