Филмови со жени во главната улога заработуваат повеќе

Во Холивуд владее мит дека женските филмови не заработуваат колку машките, што според i-d vice е причината зошто мораме да трпиме инди-филмчиња за бушави изгубени дечки, или блокбастери со летачки роботи и ликови што се викаат Крис. Сега митот е срушен.

Едно ново истражување од технолошката компанија Shift7 открива дека филмовите со жени во главна улога ги надминуваат филмовите со мажи во главна улога, со тоа што женските заработуваат во просек 318 милиони долари, наспроти машките со 243 милиони долари. Анализирале 350 филмови со премиери од јануари 2014-та, до декември 2017-та, а од нив - 105 биле со женска главна улога. За блокбастер филмови, разликата била уште поголема - за филмови со буџет над 100 милиони долари, женските водат со предност од 72 милиони. Една од истражувачите, Кристи Хаубегер објаснува:

„Откривме дека податоците не ја подржуваат претпоставката дека филмовите со жена во главната улога не заработуваат доволно. Иако жените претставуваат половина од бокс-офисот, постојано се претпоставува дека нивните филмови се помалку успешни.”

Истражувањето го проценува и комерцијалниот успех на Бехдел тестот - кој е инаку интересна работа и го мери претставувањето на жените на филм со проценка на тоа дали филмот содржи повеќе женски ликови кои зборуваат меѓу себе на тема што не е мажи - и открива дека ова помага филмот подобро да помине. Всушност, од 2012-та, секој филм што заработил над 1 милијарда долари на бокс офис го има поминато Бехдел тестот.

„Ова е моќен доказ дека публиката сака да ги гледа сите претставени на големото платно,” вели Ејми Паскал, член на Creative Artists Agency и поранешен претседател на Sony Pictures. „Тие што ги носат одлуките во Холивуд треба да обрнат внимание на ова.”

Онака: Гледајте го The Dressmaker.

14 декември 2018 - 11:12