После два филма и трет на пат, приквелот на Хари Потер е во крајно незавидна положба, со оглед на тоа што тројца од најбитните што работат на него се проблематични за новото глобално расположение.
Авторката Џ.К. Роулинг која учествува и во сценариото на филмовите сега запаѓа во контроверзи (види овде, овде и овде) со наводни трансфобични твитови против кои се изјаснија дури и глумци од Хари Потер. Џони Деп (кој го глуми Гелерт Гринделвалд) веќе неколку години е на тапет поради обвинувањето дека физички ја напаѓал неговата поранешна жена Амбер Херд (што после се испостави дека тој бил жртвата на нејзиното „не знам дали можам да се контролирам“), а актерот Езра Милер чиј лик е производ на најмрзливото пишување евр (гледајте го вториот дел до крај, да не правиме спојлери) викаат дека го има на видео како дави жена на земја пред паб во Рејкјавик.
Да го смислуваше ова некој, секој од овие главни ликови да се смести во различен аспект од она што денес ги полни медиумите, немаше вака да го смисли. Џ.К. не попушта, Деп тужи за клевета, а Езра Милер уште го нема.
Проблемот со „Фантастични ѕверки“ е помалку околу секој од нив, а повеќе поради фактот дека сите тројца заедно се врзани со него - и тоа не му е ни единствен проблем.
Од „Злосторствата на Гринделвалд“, едвај се снајдоа околу справувањето со Деп, кој се разведе во 2016. Плус, некои обвинуваа и дека продуцентите решиле „да го остават Дамблдор во плакарот“, поточно, да не кажат дека е геј, а се лутеа и за „расистичкиот сторилајн“ на Нагини.
Понатаму - бокс офис. Првиот филм од 2016 заработи 814 милиони долари на светско ниво, а вториот падна на 654 милиони, и покрај тоа што го додадоа Џуд Ло да го игра Дамблдор. Доби и многу послаби критики, па се намали интересот за трет филм.
Сепак, омразата кон франшизата е финансиски деликатна и за студиото - првите два филма почнуваат приказна и се исплати да се заврши. Ако се направат сите останати филмови, ќе станат повредни како комплетна приказна.
А треба да има пет „Фантастични ѕверки и каде да се најдат“ филмови, чисто информативно, со секој од нив во различна земја од тој универзум.
И сега?
Третиот филм требаше да се почне на 13 март во Рио, но се разбира, тоа е откажано поради пандемијата. Премиера се планираше на 12 ноември, 2021, но се очекува и тоа да се промени. Ворнер Борс не коментираат во моментов.
Роулинг најтешко им паѓа. Креативно е интегрална за франшизата, а истовремено непоколеблива во ставовите. Се обидуваат да се држат до некој наратив дека „не ѝ припаѓа нејзе тој свет“, само што, токму таа работи веќе на третото сценарио, а ги има оформено и останатите две. Имале и Стар Ворс и Марвел контроверзи последниве години, ама „Фантастични ѕверки“ има колективен товар што ниедно магично стапче во моментов не го олеснува.