Елен Деџенерис реши да го напушти популарното ток-шоу после 19-та сезона. Заминувањето го дискутираше на монологот за отворање на емисијата во четвртокот, а на Твитер им објасни на фановите дека,
„Вистината е дека секогаш им верувам на инстинктите. И инстинктите ми велат дека е време… Најсериозно, сметам дека следната сезона е вистинско време да се заврши ова неверојатно поглавје.“
Во следната епизода ќе ѝ гостува Опра и ќе разговараат за одлуката.
„Кога си креативна личност, постојано ти треба предизвик - и колку и да е супер шоуто и колку и да е забавно, едноставно не ми е веќе предизвик,“ вели Елен.
Извори на Дејли Мејл тврдат дека „Елен знае дека ѝ истече времето“ затоа што шоуто губи гледачи поради изјавите дека се работи за токсична атмосфера.
Минатото лето, десетина вработени сведочеа за заплашување, расизам и отпуштање поради земање боледување и слободни денови.
Шоуто загуби над еден милион гледачи, што е пад од 43%.
Тогаш Елен изјави дека не знаела:
„Дознав дека се случувале работи што никако не смееле да се случат. Тоа го сфаќам многу сериозно. И сакам да кажам дека ми е многу жал за луѓето што го доживеале тоа. Знам дека сум на позиција со привилегии и моќ. И сфатив дека со тоа доаѓа одговорност и преземам одговорност за тоа што се случува.“
Тврди и дека лошиот рејтинг нема врска со одлуката да замине, велејќи дека сакала да си оди уште во 16-та сезона. Наместо тоа, ја убедиле да остане уште малку и се договориле за уште три години, па знаела дека 19 сезона ќе ѝ биде последна.
„Тоа и беше планот цело време,“ вели таа.