Може ли да ја оставиме Елен на раат?

Елен Деџенерис би сакала да знаете дека ѝ е навистина жал за сите начини на кој си го повредила брендот. Осумнаесеттата сезона ја почна со монолог каде што обрнува внимание на многуте озборувања за наводната токсична работна атмосфера и се извинува на луѓето на кои тоа им влијаело.

И сега, откако се извини, можеби треба малку да ја оставиме на раат. Се нервирам што морам да бранам ужасно богата и често иритантна славна личност, но отровот што се фрла по Деџенерис во последниве неколку месеци е малку претерана работа.

Тешко ми е да го отфрлам чувството дека на многумина им е многу јако што геј жена „си го бара и ако ѝ е“. Иако имаше многу сериозни поплаки за малтретирање вработени на нејзиното шоу, истовремено имаше и многу навредени мажи, изнервирани што Деџенерис не била фина со нив како што мислеле дека ќе биде. Еден телохранител што ја штител за време на Оскарите во 2014 на пример, се пожалил дека Деџенерис никогаш „не му кажала ни фала“.

Непредизвикана непријатност не треба да се заборава - но истовремено треба и да признаеме дека за жените има многу поинакви стандарди отколку за мажите. Ако не си фина цело време е сериозен грев кога си жена, а сепак, ништо посебно не се случило - ако си маж. Урлањата на Џон Мекенро на пример, му заработија репутација на „легендарен лош дечко“, а кога Серена Вилијамс ќе се развикаше, стануваше, се разбира, „бесна црнкиња“.

Во секој случај, не сметам дека треба да го одобруваме однесувањето на Елен, но треба сигурно да го ставиме во перспектива. Поуката од сето ова е: Бидете љубезни и продолжете да размислувате за сексистичките двојни стандарди.

-Арва Мадави, Гардијан

24 септември 2020 - 12:18