На крај доби и два Оскари, за најдобар звук и најдобро адаптирано сценарио.
Педсет години оттогаш, не престанува културолошката фасцинација со Сатаната. И како што избледува религиозноста, се менуваат и портретирањата - наместо да отелотворува чисто зло, почнаа да се појавуваат комплицирани, дури и допадливи Луцифери.
Ѓаволот никогаш не бил непознат во кино - се има појавено уште во 1896 кај Џорџ Мелиес во „Куќата на ѓаволот“ - нем филм од три минути. Пет години пред „Егзорцист“, „Бебето на Розмари“ раскажа приказна за една млада жена што носи дете од Сатаната. И тој филм доби два Оскари, но критичарите сѐ уште заслугите му ги припишуваат на „Егзорцист“ за популаризирање на филмовите со демонски опседнувања.
Имитации се појавија насекаде: Италијанскиот „Преку вратата“ со уште една ѓаволска бременост, па турскиот „Шејтан“, скоро идентичен со „Егзорцист“, па во 1976 - „Претскажување“ каде што „се појави“ синот на ѓаволот, Демијан Торн. Други филмаџии правеа поджанрови со Сатаната во различни ситуации, од бродови, до школски дворови. Имаше „Трка со ѓаволот“, па „Триаголник на ѓаволот“, па „Ѓаволско куче: Песот од пеколот“. Сето ова до 1978.
Од друга страна, анксиозноста околу социјалните промени и растечкиот секуларизам, на „Егзорцист“ му дадоа влијание и надвор од кината. Во ноември 1973, еден месец пред премиерата, Њујорк Тајмс извести дека кај американските католици присуството на неделна миса е намалено од 48% на 61%. Откако излегол филмот, се зголемила љубопитноста за католицизмот и ова особено важело за егзорцизмот - ритуал што црквата толку ретко го практикува, што протагонистот, отец Демијан Карас вели дека за да најде некого, треба со времеплов да се врати во 16 век.
Како и да е, во јануари 1974, Њујорк Тајмс објавува дека Католичката црвка добива „бранови барања од луѓе што мислат дека тие, или нивните познаници се опседнати од демони.“ И многу од овие барања доаѓале од луѓе кои повеќе не биле - или никогаш не биле - луѓе што одат во црква.
Исто така, филмот и неговите имитации биле точно во цајтгајстот на „сатанската паника“ на 1980-те што вклучувала илјадници лажни обвинувања за зли, сатанистички ритуали во САД и Канада. Во 1980-та, излегува книгата „Мишел памети“, мемоари на девојка што била сексуално злоупотребена од сатанистички култ. Иако подоцна е откриено дека е лажна, се смета дека токму таа ја започнала паниката.
Пријавите за сатанистички ритуали и злоупотреба доаѓаат до ниво на хистерија, а меѓу нив можеби е најпопуларен случајот кога вработени во градинка во Саскачеван, Канада биле обвинети за сатанизам и сексуална злоупотреба.
Во меѓувреме обвинети беа секакви појави, од Dungeons and Dragons, до хеви метал музика. Некои се уверени и дека логото на Проктор и Гембл содржи скриени сатанистички симболи.
До 21 век, паниката е веќе спласната, а со тоа и претставувањата на Сатаната како чисто зло. Сѐ пораширениот секуларизам во САД се движи паралелно со шармантен, допадлив ѓавол. Јавноста ги губи илузиите за институционализирана религија, особено со откритијата за злоупотреба на деца во рамки на Католичката црква.
Овие симпатии кон ѓаволот не се ништо ново - назад во 1667, Џон Милтон ја пишува „Изгубениот рај“, каде што Сатаната е претставен како паднатиот ангел Луцифер и тоа било толку привлечно, што го предизвикало Вилијам Блејк да сугерира дека Милтон е „од кај Ѓаволот, без да знае“.
Серијата „Супернатурал“ има повеќе приказни со опасен, но харизматичен Луцифер. Симпатичен е и во „Сендмен“ на Нил Гејман, а ич да не почнуваме за Bedazzled со Брендан Фрејзер.
Во 2015, филмот „Вештерката“ има поинаков пристап, каде што ортачење со ѓаволот за тинејџерките во пуританска Нова Англија е поатрактивна опција од живот полн малтретирање.
Во меѓувреме, сатанизмот се прогласи за секуларно движење. Според Сатанистичкиот храм, неговите членови охрабруваат добра волја и емпатија и отфрлаат тирански власти за да го заштитат одвојувањето на црквата од државата.
Сепак, ништо од овој развој не ја ослабна моќта на Сатаната да создава проблеми во имагинацијата на јавноста. Во сѐ поподелено општество, сатанизмот повторно станува потентен извор на страв. Интернетот е полн со гласини за наводните сатански потекла на Халовин и книгите за Хари Потер. Сатанската паника од ‘80-те се чувствува и на форумите на QAnon движењето што обвинува американски политичари за киднапирање и сексуална злоупотреба на деца. Хистеријата е екстремен пример на долговечниот човечки импулс сѐ што го плаши и сѐ што мрази да му биде персонификација на злото. А во исто време, оваа тенденција е начин да се разберат ужасните суровости на светот и зошто луѓето си нанесуваат такви зла меѓу себе.
За време на првите проекции на „Егзорцист“, многу луѓе го довеле до прашање импулсот да се отелотвори целото зло во една натприродна фигура. Во интервју од 1974, свештеникот и психолог Јуџин Кенеди забележува дека е важно „луѓето да се помират со сопствениот капацитет за зло, а не да го проектираат на надворешна сила што нѐ опседнува“.
Ова важи и денес. Секојдневните зли дејства, големи и мали, лесно можат да се игнорираат кога ќе се мерат со „чистото зло“, или ликот на Сатаната. Како и да е, нескриената културолошка фасцинација со оваа фигура може да е порив да се разбере злото, а и зошто луѓето толку често го бираат.