Човек просто да засака сатанисти

Сатанистички храм, така се вика една секуларна организација од Масачусетс, штотуку извојува битка во корист на сите што сакаат да имаат право на абортус, без државата да им се пика во матка.

Бафомет со деца

Во вторникот, пред Врховниот суд во Мисури, претставници на храмот расправаа дека законот за абортус се меша во нивните религиозни убедувања. Да имаше државата Мисури фаца, ќе беше многу забавно да се види.

Случајот е на една нивна членка, со псевдоним „Мери До”, која имала абортус во клиниката Сент Луис во 2015-та.

Нејзината жалба се сведува на:

„...длабоки религиозни убедувања дека фетусот во првите недели не е посебно човечко суштество, туку дел од нејзиното тело и дека абортусот на ваквиот фетус не значи прекинување живот на друго, засебно, живо човечко суштество.”

Добро, тука да направиме пауза и да се разбереме дека: сатанисти се борат за човекови права, што многумина што тврдат дека се од тие што простуваат и сите ги сакаат - многу милуваат да ги одземаат. Зошто така прават овие вториве? Затоа што се коси со нивните религиозни убедувања.

Ама не се саде едни религиозни убедувања, сепак, и во оваа сеирџиска приказна (а сатанистите знаат да бидат неверојатни сеирџии), токму тоа е поентата. 

Друг член на храмот, Џекс Блекмор се согласува дека религиозните слободи на Мери До биле игнорирани и дека законот на Мисури фаворизира одредени религии, кои сметаат дека животот почнува од зачнувањето.

„Државата воспоставила програм за религиозна индоктринација, со намера да протурка едно единствено идеолошко гледиште. Законот е со намера да се казнуваат жени кои не се согласуваат со ова мислење. Државата одобрува да добиваш памфлети кои експлицитно кажуваат дека животот почнува при зачнувањето, што е немедицинска, религиозна гледна точка со која многумина не се согласуваат. Да ги присилуваш жените да ги читаат овие информации, па да чекаат 72 часа за да размислат за мислењето на државата е нарушување на нивните права.”

И победата ја објавија во вторникот. Значи некаде не функционира барање права врз основа на здрав разум. Некаде мораш да гаѓаш со истиот камен, изгледа.

Светот - воодушевен:

За волја на вистината, Сатанистичкиот храм нема многу врска со обожавање на Сатаната. На нивниот сајт пишува дека се религија која може и треба да биде одвоена од суеверие. Како таква, не промовира верување во ликот на Сатаната. Се стреми да настапува со сочувство и емпатија кон сите суштества и во согласност со разумот.

Имаат ли пристапница овие? За другарка прашувам.

26 јануари 2018 - 11:38