Една рок-баба, многу постара од Тина Тарнер

Значи, едно гуглање на "Tina Turner today", и ќе ви стане јасно дека Тина Тарнер уствари никогаш не стана баба. Ама затоа Кордел Џексон... Прва жена продуцент, композитор и аранжер во сопствена рокенрол музичка издавачка куќа. Правела музика што многу личи на Велвет Андерграунд уште пред светот воопшто да чуе рокенрол.

Родена е во Мисисипи, и во огромни фустани, со гитара, свирела со повеќе енергија од било кој инди бенд во денешно време, а за време на живи настапи, толку брзо везела, што ги кинела жиците до крајот на песната. На врвот на кариерата се појавува и на Летерман и на Емтиви Њуз и станува - рокенрол баба.

Џексон почнала да свири на 12-годишна во библискиот појас на Америка каде што „женски не свират на гитара.” Песни почнува да пишува откако ќе наполни 20 и откако ќе се пресели во Мемфис. „Немаа тогаш име за рокенрол,” вели Кордел за емисија на Емтиви во 1989-та. „Јас само свирев брзо.” Ете толку е библиска. Немале ни име за тоа што значи рокенрол.

Во ’60-тите и ’70-тите работела со локални уметници, пробувала госпел и објавила албум со компилација од нејзините песни. Во 1983-та извадила и плоча со инструментална музика, преку нејзината издавачка куќа Мун Рекордс, со наслов Knockin’ Sixty. И се разбира, станува икона на музичката сцена во Мемфис.

Живеела во жолта куќа и возела жолта кола и секое лето ја отворала куќата за тури. Станува позната со првиот музички спот, снимен баш во таа куќа.

До 2004-та, кога умира, нејзината издавачка куќа е најстарата во Мемфис. Ја има на Спотифај, Епл Мјузик, а за Македонци ја има и на Јутјуб.

Со фризурче, со све.

17 декември 2018 - 09:38