Плодниот германски дизајнер Карл Лагерфелд кој во неговиот богат живот ги има водено и Шанел и Фенди и неговиот бренд и важеше за еден од најдобрите до неговата смрт во 2019 е ептен трендинг месецов - ем ќе биде тема на Мет Гала во 2023 (за што веќе има проблеми), ем се спрема филм за неговиот живот. Џаред Лето кој го сака - супер, кој не… Ќе издржи за Лагерфелд, тоа е.
Лето важи за хаотичен метод-актер, па ај-ди.вајс поставува легитимни прашања: Ќе штепува ли сукњи меѓу снимање сцени? Ќе прави ли неверојатна колекција на ајпод-нано како Карл што имаше?
Во моментов заплетот сè уште не се знае, иако се очекува дека ќе се покрие шестдецениската кариера и клучните ликови во неговиот живот. Веројатно ќе ја има и неговата 18-годишна врска со францускиот манекен Жак де Башер, а и љубовниот триаголник со нив двајца и колегата Ив Сан Лоран. Филмот наводно ќе ја раскажува приказната на Карл преку „непредвидлива леќа“.
„Карл отсекогаш ми бил инспирација,“ изјави Лето. „Беше вистински уметник, иноватор, лидер и што е најважно, љубезен човек. Кога се најдовме со тимот на Карл Лагерфелд, веднаш споделивме креативна визија дека треба да направиме ода на Карл со почит, притоа туркајќи ги уметничките граници на она што може да биде еден биографски филм.“
Лето ќе биде продуцент заедно со самата Лагерфелд куќа и ќе учествуваат и ќе надгледуваат некои од неговите најблиски - ЦЕО на брендот Пјер Паоло Риги, Каролин Лебар - негова лична советничка и личниот асистент и телохранител кој го чуваше 20 години, Себастијан Жондо.
Режисер сè уште се бара, па да се помолиме сите колективно да НЕ БИДЕ Ендру Доминик, ако може.