Минатата недела се откри дека Мет Галата за 2023 ќе биде на тема - Карл Лагерфелд, што самото по себе е возбудливо кога ќе размислиш на кој сè креативен начин може да се толкува. Но, веќе има контроверзи.
Лагерфелд беше креативен директор на Шанел, Фенди и сопствениот бренд. Насловот на новата Мет Гала е „Карл Лагерфелд: Линија на убавина“ и ќе можат да се видат околу 150 парчиња, заедно со неговите скици за нив.
Ендру Болтон, кураторот на Институтот за костими објаснува:
„Секој негов дизајн почнал како цртеж. Велеше, цртам исто како што дишам.“
Сепак, Лагерфелд беше мета на критики во текот на неговата кариера, посебно заради неговите изјави против дебелите. Експлицитно има кажано „Никој не сака да гледа округли жени“ кога магазинот Брижит објави дека ќе користи обични, реални жени наместо манекенки во 2009.
Има кажано и дека Адел е „малку претерано дебела“, дека „Хајди Клум е претешка“, Пипа Мидлтон „да си го покажува само задниот дел“ и дека Коко Шанел не била феминистка затоа што „никогаш не била доволно грда за тоа.“
Има и контроверзи во однос на сексуални напади - не тој конкретно, но, наводно има пратено цвеќиња за обвинетиот силувач Доминик Штраус-Кан, го бранел стилистот Карл Темплер откако бил обвинет за сексуален напад и кажал, „Ако не сакаш да те влечат за гаќи, не станувај манекенка! Оди во манастир, секогаш ќе има место за тебе таму,“ и на крај, дека му е „преку глава од MeToo.“
На Клаудија Шифер ѝ стави блекфејс и јелоуфејс во 2008, муслиманите ги нарече „најлоши непријатели на Евреите“, критикувајќи го прифаќањето на бегалци од страна на Франција.
Актерката Џамила Џамил, која со години го критикува повторно имаше што да каже:
„Секако беше извонредно талентиран, но ја користеше платформата на така тенденциозно безобразен начин, главно кон жените, толку често и до крајот на животот, не се ни покаја, не зажали, не понуди искупување, не се извини, не помогна на групите на луѓе што ги нападна. Немаше објаснување за неговите сурови изливи.
Зошто ова го славиме, кога има толку неверојатни дизајнери што не се бели мажи со предрасуди? Не се боревме со сево ова само за да го отфрлиме затоа што некој белец направил убави алишта за слабите фаворити на луѓето.“
Настанот е закажан за 1 мај. Чекаме да видиме кој прв ќе попушти.