Двојните аршини за жените во спортот

Официјалните лица во спортот ако може да одлучат кои гаќи највеќе им одговараат, за да можат жените да продолжат да спортуваат и да се натпреваруваат на раат, фала.

Британска спортистка и учесник на параолимпијади ја искарале дека шорцевите „ѝ се премногу кратки“ и тоа во ист ден кога женскиот тим на Норвешка за ракомет на плажа доби казна за „премногу долги“ шорцеви.

Оливија Брин има 24 години и церебрална парализа; спринтер е и натпреварувач во скок во далечина, и во исто време е останата без зборови откако од официјално (женско) лице добила критика за облеката што ја носела на Англиското првенство.

„Го носам истото со години и дизајнот е специјално направен за натпревари. Се надевам дека ќе ги носам во Токио. Ме тера да се запрашам дали маж-натпреварувач би бил критикуван на сличен начин,“ вели Брин. „Сфаќам дека треба да има правила и упатства во однос на опремата за натпревари, но не треба жените да ги тераме да се опседнуваат со тоа што го носат, туку треба да им биде удобно и лесно.“

Инцидентот се истражува, а за Гардијан пригодна и празна изјава дава портпаролот нa англиската атлетика:

„Добросостојбата на сите учесници во спортот е од најголема важност и на сите треба да им биде удобно да учествуваат во спортот.“

Во меѓувреме, да се потсетиме, Европската ракометна федерација го казни норвешкиот женски тим за ракомет на плажа со 1500 евра затоа што, најпросто кажано - ни тие гаќи не му се на некој по ќеиф. Правилото е да носат долен дел од бикини, а носеле нешто подолго.

За споредба, правилото за мажи е дека мораат да носат шорцеви кои, ако не се многу вреќасти, смеат да бидат подолги, но да нема повеќе од 10 цм над коленото.

28 јули 2021 - 09:04