Пинк сака да им ја плати казната на норвешките ракометарки

Непотребното правило, во време кога спортската гардероба е многу понапред отколку пред 20-30-50 години, е дека женскиот тим за ракомет на плажа мора да носи долен дел од бикини, инаку - казна. Пинк се понуди да ја плати казната.

Европската асоцијација за ракомет на плажа, налага да се носи долен дел од бикини на натпревар, и тоа не било каков: мора да е тесен и исечен над ногата, а страничната ширина смее да биде максимум 10 цм.

И кога норвешкиот тим го батали ова правило и се појави во шорцеви на Европското првенство во ракомет на плажа минатата недела, ги казнија со 1500 евра.

Значи да повториме, ова се случува во денешно време кога алтернативата на спортско бикини не е било што, туку има еден куп опции развивани со години како решение за повеќе спортови.

Кој, при здрав разум и 2021 година ги виде и си рече, „аха, вака не смее - казна!“

Пејачката Пинк реагираше на Твитер:

„Многу се гордеам со норвешкиот женски тим што ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ МНОГУ СЕКСИСТИЧКИТЕ ПРАВИЛА ЗА НИВНАТА ‘униформа’. Европската ракометна федерација е таа што треба да добие казна за сексизам.

Браво девојки. Со задоволство ќе ви ја платам казната. Продолжете така.“

Откако сето ова вирално се рашири, претседателот на ЕРФ, Мајкл Видерер рече дека ќе се обиде да ги смени правилата за женските униформи.

„Потврдувам дека ЕРФ ќе направи сѐ што може за да се донесе промена во регулативите за спортски униформи,“ вели тој во изјава. „Значајни напори ќе се направат за понатаму да се промовира спортот на најдобар можен начин за сите, без разлика на полот.“

Кажете по некоја молитва за нив, може да е стварно напорно да смениш од гаќи во бициклистички. Сепак е жртва.

27 јули 2021 - 07:09