Другарството по мозокот се познава

Сега е научно докажано дека тоа што со другарот се кикотите на иста, за остатокот од светот несмешна работа е затоа што мозоците ви функционираат исто.

Луѓето бираат да се дружат со луѓе што многу личат на нив, во низа на карактеристики: слична возраст, раса, религија, социо-економски статус, ниво на образование, политички убедувања, па дури и начин на ракување. Импулсот кон хомофилија, кон врзување со друг човек, што е можно помалку различен од тебе, го има насекаде, од племенски заедници до напредни капиталистички општества.

Всушност, има нови истражувања кои укажуваат на тоа дека корените на другарството се многу подлабоки отколку што мислиме. Нaучници дошле до едно откритие, што на хартија е само податок, а вака меѓу нас обичните луѓе звучи многу симпатично и некако одма ни доаѓа да го споделиме со другарче: мозоците на блиски другари реагираат на исклучително слични начини.

Им пуштале серија видеа на различни теми, од опасностите на рагбито, до однесувањето на водата во вселената, до Лиам Нисон како се обидува да биде комичар; а нивните реакции толку многу се поклопувале што истражувачите можеле да ја предвидат силата на поврзаноста меѓу двајца луѓе исклучиво врз основа на скенирање на нивните мозоци.

„Ме изненади исклучителната сличност меѓу другари,” вели Керолин Паркинсон, когнитивен научник од Универзитетот на Калифорнија, во Лос Анџелес. Резултатите биле „поубедливи отколку што мислела”. Ги испратила во Nature Communications, и колегите од повеќе универзитети биле фасцинирани.

Николас Кристакис, биосоциолог на Јејл, за истражувањето вели: „Мислам дека е ингениозно. Кажува дека другарите си личат еден на друг не само површно, туку и во самите структури на мозокот.”

Наодите нудат јасни докази за она досега неразјаснето чувство што го имаме дека другарството е многу повеќе од давање слични одговори во лексикон, или по ново, лајкање на исти страни на Фејсбук. Всушност, се работи за нешто што го викаме добра хемија.

„Резултатите покажуваат дека другарите ни се слични во однос на тоа како реагираат и како го процесираат светот околу нив,” објаснува д-р Паркинсон. „Тоа заедничко процесирање прави луѓето да кликнат многу полесно и да ги имаат тие непречени социјални интеракции кои толку радуваат.”

Практично гледано, тоа се оние разбирања со поглед, желбата брзо-брзо да споделиш што се случило во одреден момент, иако навидум (и за луѓе вон вашиот однос) ништо посебно не се случило, тоа е кога ќе видиш нешто на интернет и мораш одма им покажеш, без притоа да мораш да објасниш каде да гледаат и на што да внимаваат

Александар Неамас, професор по филозофија на Принстон и автор на книга со наслов „За пријателството”, се надоврзува на истражувањето: „Естетските избори што ги правиме, работите што ни се допаѓаат, вкусот што го имаме за уметност, претстави, телевизија, мебел - кога ќе ги собереш заедно се апсолутно клучни компоненти за нашиот карактер, индикација за тоа што го претставуваме,” вели тој. Живееме „потопени во уметност”, и тоа не висока уметност - едноставно, секојдневна уметност: згради, билборди, облека, прибор во ресторан, ритам на метро…” Поздравувајќи го пристапот на истражувањето преку пуштање на видео-клипови, Неамас додава: „Гледањето ТВ е многу поточно во однос на секојдневниот живот отколку одењето во музеј,” налагајќи според тоа дека така многу полесно се открива кои сме и што сакаме да најдеме кај другарот.

Следниот пат кога ќе се најдете со најдобриот другар, нека ви текне: природата е толку совршена, што успеала да ве спои, за вие денес да гледате филм, ама упорно да враќате една те иста сцена, додека другите околу вас се чудат што е толку смешно. А вас ви совршено јасно, само како да објасниш на луѓе со различни brain waves?

19 април 2018 - 09:35