
После долго размислување на темата, The Cut одлучува дека нема да пишува за црвениот тепих овој пат. Нема да рангираат најдобро, најлошо или најчудно облечени, само ќе кажат кој дизајнер кого облекол, без разлика во која боја е тоа затоа што тоа го сметаат за релевантна информација. Сето ова од почит за каузата и признавањето дека сепак правилата на играта се сменети – барем за таа вечер.
Повикот да се носи црно е само дел од многу поголема холивудска иницијатива со име Time’s Up (за тоа повеќе има тука), која меѓу другото изразува надеж дека фокусот на Златните глобуси и општо на црвениот тепих ќе биде на поважни работи и ги охрабрува актерките да си кажат гласно што мислат и да ја подигнат свеста за оваа специфична кауза.
И покрај масовната поддршка, реакциите за носење црно беа, и сè уште се – измешани. Иако вреди да се размисли дали е сепак изводење, се појавија и глупи аргументи. „Да носиш црно на таков настан е како да истуриш шише вода во река,” напиша некој на Твитер, благо промашувајќи ја поентата на иницијативата и дилемата. А на пример, почудно е што мажите нема да имаат како да се приклучат значајно. Да носат црвено, можеби? Актерката Роуз Мекгоуан пак, уште повеќе му се налути на Холивуд (ако е тоа можно), нарекувајќи го носењето црно оваа вечер „тивок протест”. „Ќе прифатите лажна награда и нема да постигнете никаква промена,” напиша таа на 16-ти декември, иако од тогаш го избриша постот. „Ви го презирам лицемерието. Можеби треба да носите Марчеза.” Марчеза е модната линија на поранешната жена на Вајнстин (наводно Вајнстин ги уценувал да облечат тоа на разни црвени теписи, покрај другите напади што ги добивале од него).
Од друга страна, модната критичарка Робин Гивен коментира дека, „Прикладно е како одговор на сексуалното малтретирање да се смени дрескодот.” Имаше и една пристојна идеја на Твитер: „Можеби актерките треба да излезат и да си купат фустани – црни, розеви или било какви,” наместо „некој да ги облекува.”
Модата можеби служи за изразување на што и да ти падне на памет, но останува како факт дека се работи за костим. Да носиш црно не значи дека само си сојузник; туку и некој чиј што стилист му помогнал да изгледа како сојузник. Затоа, според The Cut, да коментираш изглед на црвениот тепих е како да речеш „баш ти стои активизам”. Или уште полошо – „не ти стои”.
Од друга страна, можеби и било каква форма на активизам против малтретирање е корисна – особено ако се случува пред милиони луѓе седнати пред телевизор. И онака ќе зборуваат за облеката, тогаш зошто да не биде за нешто важно? Така и ќе ги присилат медиумите да го прикажат тоа. Во 2015-та кога Ејми Полер и Тина Феј ги водеа Златните глобуси, го воведоа хаштагот #AskHerMore од истава причина.
На крај, и за волја на вистината – координиран моден напор од оваа величина никогаш не се случил претходно и неговото потенцијално влијание и комплетната дисрупција на традиционалното медиумско покривање за време и по главниот настан не е за потценување. Требаше онаа статија во Тајмс за Харви Вајнстин конечно да го освести светот за сексуалното малтретирање, па можеби ова помрачување на црвениот тепих не само што ќе ги истакне овие прашања, туку ќе нè натера да се запрашаме што всушност значи. Или, едноставно, во 2018-та треба да престанеме да им судиме на жените за изгледот. Можеби и на тоа му помина времето.