Над 300 жени во Холивуд, каде што спаѓаат и некои од најјаките имиња во индустријата, ја започнаа годината со лансирање на координирана кампања која ќе се бори со сексуалното малтретирање на работно место.
Всушност, во „координирана” изгледа лежи разликата и ова е сепак прв чекор кон разумно однесување со целиот проблем – до сега беше едно метафорично каменување, бројни алегорични гилотини и еден куп уништени или стопирани кариери заради стихијата.
Насловот на кампањата е Time's Up („Времето истече”), а иницијативата, опишана како здружен повик за промена од жените во индустријата за жените насекаде – ја поддржуваат актерки како Натали Портман, Кери Вашингтон, Рис Видерспун, Кејт Бланшет и Ема Стоун. Објавено беше на цела страница на Њујорк Тајмс, со отворено писмо потпишано од легија значајни фигури – продуценти, директори и агенти.
„Нема веќе време за сексуалните напади, нееднаквоста и малтретирањето на работно место. Време е да направиме нешто во врска со тоа.”
Сето ова доаѓа после овие мрачни неколку месеци во Холивуд, после земјотресот околу Харви Вајнстин, и се разбира, #MeToo кампањата која што, колку што ја рашири свеста, толку заеба работа. Сајтот на Time's Up во детали зборува за фонд за правна одбрана (од донации од 13 милиони долари досега), за да им се помогне на тие помалку привилегираните „кои искусиле сексуално малтретирање или напад на работно место додека работеле на својата кариера”. Исто така, има петиција да се донесе легислатива според која би се казнувале компании кои толерираат малтретирање и би спречила договори за дискреција кои обично се користат за да се замолчат жртвите. Плус, еднакво претставување во студијата и агенциите за таленти за двата пола.
Сега се очекува доделувањето на Златните глобуси – првиот голем Холивудски настан оваа година да биде во знакот на борбата против малтретирањето, веројатно повеќето говори ќе се однесуваат на тоа, а и има ново: Многу од жените се очекува да бидат во црно, како симбол за подигање на свеста за проблемите кои ги повлекува нееднаквоста на половите.
Целото писмо е тука.