Дали средовечните жени се небитни?

„Кој јас? Небитна?“ - есеј за стареењето, од Али Вентворт.

Пред околу еден месец, се фатив како седам во просторна, заслепувачки бела конференциска сала во агенција за таленти, опкружена со осуммина хипер-фокусирани миленијалци. Како актер, сценарист и продуцент, имам работено со оваа агенција со години, но ова беше прв пат да разгледам околу себе и да забележам дека сум најстара во просторијата. Сепак, издржав. Имам напишано книги, создадено и играно во моја серија. Сега сакав да правам филм - будалеста, пита-во-фаца комедија. Но, бебињата од агенти не се нафаќаа. За време на состанокот ми беше речено, доста директно, дека нема улоги за средовечни жени. Ме погледнаа без трошка емпатија. Во нивните очи, бев станата небитна.

Во метро кон дома, седев наведната врз телефонот и скролав по Инстаграм, како тоа некогаш да помогнало некому. Милиони блескави женски во бикини, ги рекламираат стомачните мускули, живи, расположени. Згодни млади жени ми покажуваат како да нанесам коректор. Се шминкам 30 години. Не ми треба фетус да ми објасни како да сокријам кеси под очи.

Знам дека сум стара според денешниве стандарди. Не сум пензионерка како мајка ми, не добивам попусти во кино, не се возам во количка на мотор по супермаркети (а би било фино). Во рани пеесетти сум, период кога не ти текнува како се викаше тој еден пријател, а вагината ти е на раб на атрофија; време кога, ако маж ти реши да те остави, да речеме, за дадилката, нема да имаш шанси против младите разведени кои нонстоп се боцкаат и прават чучњеви од Менхетн од Лос Анџелес со години.

Не ми е гајле дали ќе ставаш Ботокс, или сперма од кобра секое сабајле, неизбежната вистина е дека сите старееме. Со тек на време, кожата ќе ти попушти, а капаците ќе ти паднат на пола копје. Косата ќе ти обели, исто и срамните влакна (слободно врескајте). Не им се лутам на миленијалците што не ги разбираат провалиите на староста. Треба да уживаат во своето време, и тоа во танга-бикини ако може. Ама еве што миленијалците немаат, заедно со нивната блескава кожа и опаски на Снапчат: искуство. Има многу да се каже за приказните што ги имам акумулирано низ годините.

Ги знам последиците на нештата. Сум сведочела на пријатели што се венчаваат; сум видела жени уништени од вонбрачни афери. Сум држела за рака пријателка што ми кажала дека никогаш нема да може да роди. Сум имала страсни авантури со француски режисер, британска филмска ѕвезда и италијански столар, па знам какви можат да бидат врските - и како може да завршат. Сум скокала со падобран и штотуку прославив 16 години брак. Не сум, фала богу, истата жена како кога имав 20. На возраста гледам како на обичен јогурт, без додатоци, како на добра база. Во трите децении оттогаш, имам додадено ореви, овошје, семиња, гумени бонбони. Разговорите што ги водам пред спиење се пиинтересни.

И можеби нема многу улоги за средовечни жени, како мене, затоа и ја создадов мојата серија. Кога си постара, имаш храброст да ги оствариш твоите соништа, а светот е гладен да ги види. Тоа може да е објаснување зошто толку луѓе ги гледаат Лили Томлин и Џејн Фонда во „Грејс и Френки“. И кој не би ја гледал Алисон Џени во што и да е?

Во денешно време, кога ќе си ги видам најблиските другарки, не ги гледам изгубените девојки што пушеа цигара врз цигара, со кои што пораснав. Гледам искусни жени што го основаа движењето Time’s Up, што основале фондации, направиле серии и напишале бестселери. Затоа, имам порака за сите 20-и-кусур-годишни, што се зафатени со објавување селфи и базирање на самодовербата на лајкови: Верувајте ми, ништо од тоа нема да важи понатаму.

А јас, конкретно, никогаш не сум се чувствувала побитно.

20 декември 2023 - 12:17