Камала Харис е првата жена-потпретседател на Америка: достигнување што се пречека со восхит и пофалби. Влегува во историја како прва жена во боја - Индијка-Американка што „го крши стаклениот плафон“, додека притоа изгледа одлично во костум и бисери на вратот. Поплочува нови патишта и инспирира радост, претставува модел за мали девојчиња и е „модерната икона на убавина што му е потребна на светот.“ Опасна е, интелигентна, емпатична, амбициозна, способна и прагматична. Ако се загледате во статистика, ќе помислите дека е Харис, а не Бајден со најмногу гласови во историјата на претстедателските избори во САД. Има и видео, каде што му кажува на Бајден, „Ни успеа, ни успеа, Џо. Ќе бидеш новиот претседател на Америка!“ што е прегледано безброј пати. А Бибиси коментира: „Нејзините зборови се за него, но историскиот момент е нејзин.“
Да те изберат за прва потпретседателка не е мала работа. Но, Харис не е ни прва жена, па ни прва жена во боја што ги прошетала коридорите на Белата куќа. А тешко е и да се замисли дали сите ќе беа толку возбудени да се инаугурираше потпретседателката Иванка во јануари. Нешто друго е во прашање кога се работи за општата вљубеност во Камала и не е тешко да се открие што.
Харис е поларна спротивност на Доналд Трамп. Гледано низ очите на оние што го формираат јавното мислење, таа е сѐ што тој не е. Ним Трамп им е брука. Некултурен, бел старец, будала со портокалово лице и пречешлана коса што личи на шеќерна волна, плус мев од многу јадење Мекдоналдс. Го гледаат како „клептократ, олигарх, ксенофоб, расист, дури и апсолутист, нарцисист, буквално Хитлеровски фашист, што им свирка на десничарите како на кучиња“. А Харис не е ништо од тоа. Но, на оние кои веруваат во демократија, оваа пред-канонизација на Харис треба да им вклучи аларм.
Сега може ни се чини далечно, но вреди да се потсетиме дека Харис не беше доволно успешна да ја добие номинацијата од Демократите за да се кандидира. Минатата година, во една дебата го нападна Бајден, обвинувајќи го за поддршка на расно сегрегационирање и дека се противел црнчиња да одат во школи во главно бели, богати соседства во ’70-те. Зборуваше за сопствените искуства со школото и расизмот. Сепак, само неколку недели подоцна, потпиша како партнер на Бајден за изборите. Кога ја прашаа за ова на Д Лејт Шоу, се насмеа и рече „Буквално беше само една дебата!“ Излегува дека не мислела ни збор од тоа што го кажала, туку само играла со зборови. Трамп кај стигнат го отпишуваат како избувлив, но нејзе ја фалат за нејзините еластични вредности и прагматизам.
И што знаеме за идната потпретседателка? Харис се претставува како ќерка на имигранти што ја носеле на протести за човекови права, која потоа станала реформатор на казнениот систем, сојузник на „Црните животи се важни“ и бранител на најранливите граѓани на Америка. Сепак, нешто фали во оваа доблесна рамна линија, а тоа е годината што Харис ја има поминато како главен обвинител во Калифорнија, и тоа обвинител со репутација на строгост. Додека била „на власт“, родители на неодговорни деца, сексуални работници и жртви на трговија со луѓе биле ставани зад решетки во рекордни бројки. Нејзиниот начин за сузбивање криминал има ставено афроамериканци во затвор во стапка што останува „повеќе од пет пати поголема од нивната популација во Калифорнија.“ Тулси Габард веќе ја закачи неколку пати за овие недоследности во нејзиното претставување.
До летото 2020, Харис подзаборави на ова неприкладно минато и побрза да го поддржи движењето „Црните животи се важни“. Подоцна го опиша како „од суштинска важност за еволуцијата на нашата земја“ и го фалеше за неговата „брилијантност и влијание“.
„Верувам дека движењето е најзначајниот агент за промена на казнениот систем,“ има речено. Веројатно е тоа истиот систем од чие градење си направи кариера.
Но, да го баталиме минатото. Харис 2.0 е освестена личност. Има новопронајдена приврзаност кон сѐ што опфаќа теорија на раси. Забележувајќи дека луѓето во боја се непропорционално погодени од Ковид-19, најави и закон „за поддршка на анти-расистички обуки за вработени во првите борбени редови за време на пандемијата“. Дали луѓето што не можат да работат од дома, што живеат сто души во мал стан и се мачат да си дозволат здравствено осигурување ќе ценат што медицинската сестра била на обука - не знаеме. Но, Харис е сега нов човек и се труди тоа на сите да им биде јасно. Повеќе не е калифорнискиот обвинител што гласаше да спречи трансродовите затвореници да добијат операции за промена на полот. Не, Камала 2020 гордо ги објавува своите заменки (she, her, ако некого го интересира). Може е првата жена избрана за потпретседател, но ако сега смета и дека секој може да биде жена, и дека транс-жените припаѓаат во женски затвори, тешко дека ќе може да биде борец за женски права.
Камала Харис дефинитивно не е Доналд Трамп. Може да е многу полоша. Додека Трамп е полн со политички-некоректни глупости, Харис е освестен апсолутист. Под нејзина власт, родителите можат да одат во затвор ако децата им бегаат од школо, но барем обвинителите ќе знаат со кои заменки да им се обраќаат. Кутри црнци ќе умираат од коронавирус, но барем болничарите ќе им бидат обучени да ги почитуваат. Растење семејство на минималец ќе биде сѐ уште речиси невозможна битка - но барем новите жители на Белата куќа ќе клекнат пред „Црните животи се важни“.
И сега ја обожаваат. Ќе видиме до кога.