Дали е време да престанеме да гледаме на АДХД како на нарушување?

Во 2024 година, Економист објави анализа со провокативна теза дека приспособувањето на школите и работните места кон различните начини на функционирање понекогаш може да помогне повеќе од обидите сите да се вклопат во истите правила.

До неодамна, нарушувањето на вниманието со хиперактивност (АДХД) најчесто се поврзуваше со деца што не можат да седат мирно во школо, но денес дијагнозите се сè почести кај сите возрасни групи, особено кај младите и средовечните жени. Сепак, со порастот на дијагнозите се отвора и ново прашање: дали АДХД секогаш треба да се третира како нарушување или дел од проблемот лежи во општеството, кое очекува сите да функционираме на ист начин?

1. Мозокот не функционира исто кај сите луѓе
АДХД се поврзува со потешкотии во одржувањето на вниманието, импулсивност, немир и неорганизираност во секојдневните активности. Но овие карактеристики не се еднакво изразени кај сите - некој може тешко да следи долги состаноци, а истовремено исклучително успешно да работи на сложена задача што го интересира.

Ова е основата на концептот на невродиверзитет, според кој разликите во вниманието, учењето и обработката на информации се дел од природната човечка разновидност.

2. Симптомите можат значително да се менуваат
Истражување што следело речиси 500 деца со АДХД во текот на 16 години покажало дека кај околу 64 проценти симптомите варирале, вклучувајќи периоди кога повеќе не ги исполнувале дијагностичките критериуми.

Ова не значи дека АДХД исчезнува или дека е измислено нарушување, туку дека неговата изразеност не мора да биде постојана - возраста, животните околности и средината можат да влијаат врз секојдневното функционирање.

3. Можеби треба да ги приспособиме школите, наместо само учениците
Традиционалното образование очекува децата долго да седат мирно, да следат исти инструкции и да работат со приближно исто темпо. Пократки часови, повеќе движење, практични активности и пофлексибилни начини на учење можат да им помогнат на учениците со различни потреби. Слични приспособувања се можни и на работните места, преку потивки простории, флексибилни распореди и појасни инструкции.

4. Вештините и тешкотиите можат да постојат истовремено
Човек со АДХД може да има изразена креативност, ентузијазам или способност интензивно да се посвети на интересна задача, но тоа не значи дека секој со АДХД ги има овие особини, ниту дека тие ги поништуваат тешкотиите.

Проблемите со организација, емоционална регулација и импулсивнос можат сериозно да влијаат врз животот, дури и во емпатична средина.

5. Приспособувањето не значи откажување од лекувањето
Иако Економист го доведува во прашање начинот на кој општеството го разбира АДХД, не може туку така да се отфрли како клиничко нарушување. За многумина, лековите, психолошката поддршка се еднакво важни како приспособувањето на средината.

Значи не е предмет на дискусија дали постои - постои. Прашањето е како понатаму и дали претеравме со вниманието?

2 ноември 2026 - 11:23