За потсетување, „брза мода“ е термин што се користи за облека и додатоци што се произведуваат брзо, односно кога процесот од конче во фабрика до јакна на закачалка во продавница во некои случаи трае и две недели. Се копира од светските модни писти, а луѓето бидејќи сакаат да останат релевантни се фаќаат токму за вакви парчиња. Повеќето од нив се фрлаат за неполна година - кога нештото сте го платиле 5, 10 или 20 евра лесно е да го сметате за „една употреба“.
Продавници како Зара, H&M, Топшоп и Фешн Нова произведуваат стотици нови стилови неделно до кои лесно се стига и лесно можеш да си ги дозволиш, со тоа условувајќи ги муштериите постојано да очекуваат нови и нови работи. Самата „брза мода“ се базира на сезонски трендови и купувања за одредени прилики. Но, бидејќи настани, свадби и слично годинава нема, намалено е трошењето и луѓето се во ситуација да внимаваат на џебот и подлабоко да размислуваат на тема: „Ми треба ли мене ова, сепак?“
Ќе биде интересно да се види дали потрошувачите ќе излезат од пандемијата со посериозни вредности и повеќе морал во однос на купувањето одржлива гардероба, или дали нивната желба за нормалност и социјализација надвор од домот ќе донесе нови, досега невидени нивоа на трошење, во кој случај, брзата мода ќе им биде меѓу врвните приоритети.
Нам ни се чини дека ќе биде второво.
Како потрошувачи, имаме одговорност за сузбивање на брзата мода, но колку и да сакаме да бидеме одговорни, понекогаш, желбите и моралот не соодветствуваат со сметката во банка. А ако почнеш да размислуваш не општо, туку локално, каде што сѐ уште се јачаме дека „кај и да е ќе стигнеме до просечна плата од 500 евра“, тешко дека редовите во Зара ќе се намалат во скоро време. Експертите прогнозираат посветла иднина и се држат до некоја замислена идеја дека „луѓето веќе не сакаат потрошливи парчиња“, ама многу е можно тоа да е само пуста желба.
Брзата мода тешко дека ќе ја снема. Секогаш ќе има потрошувач што ќе сака веднаш да дојде до посакуваниот производ и тоа за ситни пари. Останува надежта дека пандемијата малку повеќе го освести светот за климатската криза и други сродни проблеми што веќе нѐ снаоѓаат, па постепено ќе се научиме да пазариме помалку и попаметно.