Неделна доза ентериер:

Да живееш како во облак

Им капнува ли некогаш вино на луѓево?

И кога ќе им капне нешто, дали е тоа прединфарктна состојба, или помирени се дека, кој сака снежно-бел, облак-стан мора да се справи и со тие стресови?

А и деца имаат, и мачка. Мачката користи песок за какање и мочање, а децата користат боици во животот. Со клучот за станов, треба да доаѓа и доживотна залиха на Диазепам.

Шала на страна, ова е многу интересно. Ретко кој може да издржи во ваква белина, ама па, и да не си баш натаму насаден, кога ќе го видиш погледот, некако не остануваат многу работи да ти пречат.

Станот се наоѓа во Њујорк, со фантастичен поглед кон Централ Парк и е во сопственост на дизајнерка. Мачето шармантно се пентари кај стигне и се заигрува со скапи лустери и украси, плус, целата таа чистота е тука и таму на занимлив начин испрекината од современа уметност, по некое растение и ужасно грди столчиња и украси.

Дневната е бела, кујната е бела, во комшии имаат облаци (а и на ѕид имаат облаци) дури и детската соба е главно бела, со тоа што, направиле сомнителен избор да им направат на децата тапет од Елвис по гаќи. Тие тоа го викаат „Елвис што сурфа”, ама нас некако повеќе ни е „Возрасен маж по гаќи во детска соба”.

Дали би можеле вака?

Тешко.

Ама вреди да се ѕирне:

15 јануари 2020 - 13:28