Зумерите се генерација што е на интернет од моментот кога научиjа да користaт палци. Сепак, она што некогаш било свесна вежба сега го има изгубено луксузот на избор, особено што времето во кое живееме бара од нас да бидеме хронично онлајн. Факултетите се на Зум, пријателите се во Вибер групи и Дискорд сервери, а секоја форма на живот внимателно се селектира за да се сподели на социјални мрежи. Станува напорно и тешко да се одржуваат овие виртуелни светови, и тоа до тој степен, што сега се шири тренд на детокс.
Во 2021 се спроведе истражување на адолесценти во Велика Британија, од кои 34% изразиле желба да користат социјални мрежи „многу помалку отколку што тоа го прават денес“.
Тие што успеваат да „избегаат“ од интернет, задолжително споделуваат и дека успеале да се вратат на „своето автентично себе“ и дека „добиваат непогрешливо чувство на јасност“. Но, не може секој да направи ваква екскурзија, па се наоѓаме во ситуација да бараме совети од луѓе што успеале и што можат да споделат некакво ноу-хау за како да ни успее. Затоа и постојат книги како „Дигитален минимализам“ и „Како да не правиш ништо“ - со совети што се движат од бришење на сите апликации до набљудување птици.
„Типот на човек на кој му е подобро без социјални мрежи е некој чии заедници и односи се спремно достапни во реалниот живот,“ објаснува Анџела Ли, докторанд на Стенфорд што во моментов работи на бихејвиорална интервенција за корисниците на социјалните мрежи. „Многу луѓе се потпираат на социјалните мрежи како централен дел од информациската инфраструктура и како начин на поврзување со географски оддалечени заедници, најчесто тинејџери и адолесценти израснати во социјално поврзана околина.“
Со оглед на напорот потребен за целосно дисконектирање, не е ни изненадување што се фаќаме за брзи решенија како блокатори на апликации или тешење со другарче. И не сме ни виновни. Тие што тврдат дека дигиталниот детокс е само прашање на дисциплина се, народски кажано - без усул. Без да се разгледаат политичките фактори во вакви дискусии, не може да се критикуваат платформите, да се доведува во прашање во што се претвориле и да се нудат предизвици за она во кое би можеле да се претворат во иднина.
Наместо да се врамува ситуацијата како индивидуален недостаток на дисциплина, треба да се префрли товарот на Big Tech кои се одговорни за овој перпетуален циклус на комодификација на вниманието. Не е тајна дека социјалните мрежи постојано смислуваат како да го претворат Веновиот дијаграм на нашите онлајн и офлајн животи во круг. И како да не е доволно што ги жнеат нашите лични податоци, па дизајнираат ствари што ни ја преиначуваат хемијата во мозокот, сега сакаат да направат метаверзум, каде што „секој апарат е паметен.
Изгледа дека не може да се постои во современото општество без интернет: Збиени сме заедно на неодредено време, залепени на метафорички колк. И колку и да звучи депресивно овој концепт, може и да не е страшно - барем за сега. Во виртуелниот хаос, да се биде онлајн значи и да се радуваш: од видеа со мрзливи мачки, до начини на заработка. Можеби може да се истакне и подобри доброто што го наоѓаме по пат и да се канализира во секојдневните интеракции. Можеме барем да се надеваме дека ова ќе нè држи на површина, додека чекаме поетичка, децентрализирана мрежа што ќе ни ги владее животите.