Да се биде млада и разведена е шик?

Кога супермоделот Емили Ратајковски на ТикТок изјави дека развод пред 30 е „шик“, видеото стана вирално. Тазе се и вестите за Софи Тарнер која се разведува од Џо Џонас. Сепак звучи неочекувано - смее ли ова да се кажува?

А сепак, разводот не им е шик само на селебрити фаци - во тренд е нешто што се вика регистар за развод. Нели, постојат регистри од каде што можеш да купиш подарок за свадба - е па, сега може за развод. Модерни се и забави за развод - на пример имаше таква на концерт на Адел што стигна и до наслови по медиуми - 33-годишна жена држеше транспарент со напишано „Ми помогна додека се разведував“, а Адел се расплака на сцена поради тоа (И Адел се разведе во рани 30-ти). Солзите беа од радост - статистиката е дека жените се иницијатори за 69 проценти од разводите, барем во Америка.

Да се вратиме на Ратајковски:

„Ако во 20-те си во ров, нема подобро од 30-те, кога си уште згодна, може имаш и малку твои пари и сакаш да смислиш што ќе правиш со животот... Си ја пробала фантазијата за брак и сфаќаш дека не е којзнае што и потоа го имаш целиот живот пред тебе.“

Дали е во право и дали разводот - особено кај помладите - добива ребрендирање?

Според Ребека Кокс, авторка на „Како да бидеш сингл и среќен родител“, има смисла ова што го зборува Емили Ратајковски, ама му треба разјаснување.

Разведена е секако шик титула,“ признава таа, „но мислам дека никој не влегува во брак со експлицитна намера да се разведе или да го напушти бракот со намера да биде шик.“

Тоа шик произлегува од прогресијата на одново преземање на себе и сопствените идеали. Во случајот на Ребека Кокс, само откако го напуштила бракот и станала сингл-родител нашла поавтентична и посреќна верзија на себе. „Нема ништо пошик од жена што живее најдобро што знае, што во мојот случај излезе да сум млада и разведена.“

На многу начини, аргументот на Ратајковски зборува за подлабок тренд кај врските - додека мажите ретко се стигматизирани кога се работи за фалење со развод, жените сега конечно можат да го извикаат зборот „развод“ гласно. Многу жени на сите возрасти прават промена во врските, во животот и во погледот на разводот. Ако не им функционира - напуштаат, храбро и со надеж за подобро следно поглавје.

Веројатно концептот на познавање себеси е најпривлечниот дел од тоа да се биде шик-разведена жена. Но, Кејт Ентони, советник за развод и автор на подкаст на истата тема размислува дали можеби е подобро (и повеќе во тренд) едноставно сосема да го прескокнеш бракот, особено кога си млада.

„Шик е ужасен збор да се опише развод,“ вели таа. „Разводот е болен. Скап. Агонија е. Да напуштиш врска што те прави несреќна, што е насилна или не функционира е апсолутно вистинското решение. Но, да го нарекуваш шик тоа што имаш брак и развод пред 30 не е во ред.“

Вели дека никој не треба да влегува во брак толку млад.

„Сакам луѓето да не се мажат и женат. Нека бидат во врски. Нека учат за себе. Нека ја напуштат врската што не функционира. Ама ај да не се мажиме и жениме толку млади и толку брзо?“

Се разбира, не можеш така лесно да се бориш со чувствата, плус немаме кристални топки. Ако бајката заврши со развод, Ентони признава дека треба да се прослави, особено ако ти си таа што сакала да си оди.

„Никој не одлучува да се разведе со леснотија, доаѓа после години агонија и обиди да се среди нешто. Мислам дека Емили Ратајковски зборува за кога конечно ќе сфатиме дека токму таа одлука треба да се донесе, апсолутно е во ред да се слави.“

Кокс се согласува:

„Да си во брак не е шик, да си разведена не е шик, но да бидеш доволно храбра да признаеш дека си згрешила, да напуштиш и одново да изградиш посреќен живот за себе, особено кога си млада? Тоа е апсолутно шик.“

13 октомври 2023 - 00:00