Чудното задоволство на планирање одмор после пандемијата

Кажете било кој хак за патувања и на Пинтерест ќе му ги најдете сите варијанти: да чуваш шноли во празни пакувања од Тик Так, стапчиња за уши во кутии од апчиња, каиш во крагњата од кошулата, чорапи во кондури… Десет генијални начини да заштедите пари додека патувате низ Европа, дваесет и пет работи што треба да се направат пред меѓународен лет… Пинтерест ги има сите одговори.

Главно го користат жени, мајки особено, и се споделуваат и закачуваат рецепти, направи-сам проекти, туторијали за убавина и совети за патување… Додека Инстаграм се бави со слики од скоро па имагинарна совршеност, Пинтерест нуди совети како таа да се постигне. И сега, бидејќи пандемииштево го запре патувањето во цел свет и милиони беа принудени да ги откажат сите резервации, сајтот презема една нова функција - да помага луѓето да си ја смират анксиозноста заради неизвесност и да планираат нешто месеци однапред. Сега корисниците го гледаат Пинтерест како прозорец кон „животот после пандемијата“, и алатка за организирање на иднината која сега е многу тешко да се замисли.

„Пинувањето“, или „pinning“ (Пинтерест е замислен како табла од плута на која што закачуваш и боцкаш сликички и разноразни чуда) веќе преминува и во заедничка активност и забава за целото семејство во некои домови.

Сосема држи вода дека публиката на Пинтерест која е главно „ориентирана на аспирации“ во голема мера ја користи платформата во ова време на изолација.

Сведочи Кјара Диаз, 19-годишна студентка од Флорида, која на Пинтерест е само четири месеци, но патувачката заедница на платформата ѝ помогнала да биде оптимист за остатокот од 2020. „Имаш многу време да разгледуваш слики, да планираш онлајн и да разгледуваш начини за штедење пари за нешто што сакаш да го правиш во иднина,“ вели таа.

Закачува травел статии за да се фокусира на радоста што замислува дека ѝ следи - на пример, со мајка ѝ отсекогаш сакале да одат во Грција, а со брат ѝ во Јапонија. Фан е на Марио Карт и на Пинтерест има закачено вистинска тематска вожња Марио Карт што ја има во Јапонија и однапред ѝ се радува.

Во поширока смисла, Пинтерест нуди бегство од поиритантните трендови на социјалните мрежи. Етосот за себеподобрување на сајтот го прави идеален простор за патувачи незаинтересирани за исполираните и често перформативните сведоштва за одмори што ги има на Инстаграм и Јутјуб. Таа компаративна смиреност е особено привлечна деновиве.

Дури и чинот на билдање возбуда за пост-пандемско патување може да делува терапевтски затоа што на мозокот му дава нешто конкретно за фокусирање. Тој ентузијазам е исто и дел од патувањето што најмногу можеме да го контролираме, дури и кога надворешните услови ќе се сменат. Да можеш да гледаш напред, во замислено позитивно искуство, помага да се растури монотонијата на секојдневниот живот. Има дури и истражувања кои велат дека исчекувањето и возбудата пред едно патување се најуживаниот дел од одморот.

А Пинтерест се покажува корисен и на други начини: Во споредба со Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутуб, сајтот има поактивна улога во задушувањето на онлајн-малтретирање, истакнува ресурси за здравство и банира на штетни дезинформации. Кога корисниците пребаруваат нешто директно поврзано со коронавирус, ги упатува на страница со список на упатства од Светската здравствена организација. Луѓето што сакаат да кешираат на анксиозноста со неповрзани или опасни постови не можат така лесно да се снајдат тука. Како Тамблр порано, Пинтерест има огромен број на објави - и многу од нив од лична природа - особено за ментално здравје, кои општо имаат многу реакции.

За разлика од гледањето телевизија или филмови, разгледување и репинување постови на Пинтерест е интерактивна забава. И визуелно, платформата охрабрува едно смирувачко чувство на ред. За луѓето што сонуваат да летнат некаде кога ќе заврши кризата, планирањето на едно патување може да биде продуктивен начин на одвлекување внимание. Дури и да не ги следиш сите препораки што ќе ги акумулираш, сѐ уште постои една сатисфакција дека си ги собрал. И собирањето е еден мал чин на создавање.

23 април 2020 - 14:42